
Во последните неколку години, Хрватска забележа рекордно ниво на странски директни инвестиции. Позитивниот тренд продолжи и во првите шест месеци од годинава, при што се привлечени 1,23 милијарди евра странски инвестиции.
Иако Хрватска сè уште не ужива највисоко ниво на доверба кај инвеститорите, членството во Европската унија, влезот во Шенген, ниските корпоративни даноци, макроекономската стабилност и растот на кредитниот рејтинг се фактори кои придонесуваат Хрватска да ја добие довербата на странските инвеститори.
Истражувањето на консултантската и ревизорската компанија EY Хрватска покажа дека во текот на 2022 година во земјата се реализирани рекордни 26 странски капитални инвестиции, што придонесе за отворање на нови 2.585 работни места.
Најголем број инвестиции беа насочени кон нови проекти, а помал дел беа странски инвестиции наменети за проширување на постојните. Странските инвеститори во Хрватска инвестираа најмногу во транспортниот сектор, ИТ индустријата и индустриското производство.
Според статистиката на Хрватската народна банка, која опфаќа поширок опфат на странски директни инвестиции, во 2022 година странските компании инвестирале во Хрватска 3,4 милијарди евра. Тоа е нешто помалку од рекордната 2021 година, во која странските директни инвестиции достигнаа речиси четири милијарди евра. Од вкупно 3,4 милијарди евра, нешто помалку од милијарда евра се однесуваат на директни капитални инвестиции, додека 1,5 милијарди евра се инвестирани од нераспределена добивка. Преку должнички инструменти се инвестирани дополнителни 911 милиони евра.