Инженери од Балканот во Македонија дискутираа за признавање на овластувањата и вредноста на трудот

12

unnamed

Македонската комора на овластени архитекти и инженери, изминативе три дена, беше домаќин на своите колеги од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија во рамки на редовниот состанок на Инженерската иницијатива за регионална соработка (ИИРС).

Инженерите од овие 6 регионални држави, преку своите инженерски комори работат на шест заеднички проекти од интерес на инженерската струка, а македонската комора го води проектот за инженерските образовни квалификации и признавање на овластувањата помеѓу земјите членки на ИИРС.

На средбата се заклучи да се продолжи со работа на шесте проекти од заеднички интерес на сите Комори. Особен акцент се даде на утврдувањето на модалитетите на дефинирање на пазарната вредност на инженерскиот труд, подобрување на процесите на јавни набавки на инженерски услуги, а се етаблираше и нов проект којшто ќе биде раководен од Македонската Комора на овластено архитекти и овластени инженери за проблемот настанат во земјите од регионот, следен од масовната емиграцијата на инженерска интелигенција од овие простори во изминативе две декади.

“Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија беа домаќини на овој собир, којшто се повторува на секои шест месеци во една од државите членки. Македонската комора го раководи проектот за образовните квалификации на инженерите и признавањето на овластувањата со посебен акцент на подобрување на вештините на инженерите по завршување на формалното образование. Во таа насока беше остварена средба на координаторот на Иницијативата, д-р Мирко Орешковиќ и претседателот на Комората, Димитровски со ректорот на УКИМ, проф д-р Никола Јанкуловски, каде е потврдена спремноста за потпишување меморандум за соработка за понатамошно подобрување на вештините на архитектите и инженерите“, вели професор д-р Миле Димитровски, претседател на Управниот одбор на Комората.

Тој истакна дека во претходните шест години Комората прифатила и потврдила 435 странски овластувања од 21 држава со кое го помага процесот на развој на градителството во државата. Истовремено, македонски инженери имаат можност да добијат потврда на своите овластувања во сите членки на Регионалната Иницијатива, да работат и да ги зголемат своите вештини преку работа на големи проекти во странство.

Според Орешковиќ, соработката меѓу Коморите од регионот, од кои три се во земји членки на ЕУ (Словенија,  Бугарија и Хрватска) и другите се во процес на прием, е одлична можност да се создадат услови за мобилност на инженерите и усогласување на вештините во инженерската струка.

“Домаќините на оваа средба со голема умешност го организираа собирот во професионалниот дел, но исто така се покажаа и како извонредни домаќини во социјалните и културолошките содржини. Особен интерес на сите заинтересирани беше проблемот на јавните набавки со најниска цена, вредноста на инженерските услуги и взаемното признавање на овластувањата“, потврди координаторот на Иницијативата, д-р Мирко Орешковиќ.

ИИРС ја сочинуваат стручњаците од Комората на Овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Инженерската Комора на Словенија, Комората на градежни инженери на Хрватска, Комората на електроинженерите на Хрватска (придружен член), Инженерската Комора на Србија, Инженерска комора на Црна Гора и Комората на Инженерите во Инвестиционото проектирање на Бугарија. Иницијативата е формирана во 2011 година во Црна Гора и состаноци, по цикличен распоред, се одржуваат на секои шест месеци кај секоја од земјите членки.