“Исчезнатиот“ милијардер Џек Ма се појави по три месеци

124

Првиот човек на Alibaba, Џек Ма, се појави во јавноста за првпат од октомври кога нагло се повлече по критиките упатени до кинеските власти за покренување истрага против неговата компанија.

Неговото исчезнување од јавната сцена предизвика шпекулации за тоа каде се наоѓа, особено во време кога вредноста на неговата компанија започна да опаѓа. Сепак, по три месеци милијардерот се состана со 100 рурални наставници од Кина, а средбата се одржа преку видео состанок, пишуваат кинеските медиуми.

Ма им се обрати на наставниците во име на неговата хуманитарна фондација. Овој состанок се одржува секоја година во кинеско одморалиште, но оваа година беше преместен на Интернет поради состојбата со пандемијата.

“Кога ќе помине пандемијата, мора да најдеме време да го надополниме изгубеното и да се сретнеме повторно во живо“, им рече Ма на присутните.

Пекинг започна контроли врз компаниите на Ма, откако тој одржа контроверзен говор во Шангај на 24 октомври, во кој го критикуваше кинескиот регулаторен систем кој ја задушува иновацијата и ги спореди глобалните банкарски правила со “клуб за пензионери“.

“Денешниот финансиски систем е наследство од индустриската ера. Треба да поставиме нова за следната генерација и за младите. Мора да го реформираме сегашниот систем“, рече Ма во својот говор.

Нешто повеќе од една недела подоцна, првата јавна понуда на Ant Group (проценета на рекордни 37 милијарди американски долари), која веќе доби зелено светло од надзорниот орган на Кина, беше суспендирана.

Минатата година, Ма беше 17-та најбогата личност во светот со проценето богатство од 58 милијарди долари.

Фото: Facebook