Искусни рудари има малку, а младите не се заинтересирани за оваа струка

43
mirevski
Митко Миревски, генерален менаџер во компанија Миревски, Пробиштип

Генерално имаме проблем со тоа што рударите се веќе од постарите генерацииЗначи најголем проблем ни се човечките ресурси. Без добра екипа нема иднина. Тоа е проблем во сите рудници.

БИ: Со што се занимава компанијата Миревски?

Ние сме услужно ориентирана компанија и нудиме специјализирани услуги во индустријата за експлоатација на минерали и руди, инжинеринг и консалтинг. Во моментов работиме како консултанти во рудниците во Косово и Србија. Во оваа дејност успешно работиме веќе 3 години, имаме искусни луѓе, 20 вработени, искусен кадар. Нашите инженери работат како консултанти и заедно со инженерите во рудниците каде сме ангажирани работат на тоа како да се подобри производството. Освен консултанти, имаме и искусни рударски работници, наши рудари, кои работат директно во производството.

БИ: Имате проблеми со наоѓањето на рудари? Има некакви старосни ограничувања?

Луѓето што ги вработуваме треба да имаат претходно работно искуство и да се стабилни луѓе. Главно вработуваме работници од Кратовско-Злетовската област позната по својата традиција во рудаството. Затоа и главно тука сме сконцентрирани.

БИ: Можете ли да направите споредба меѓу рудниците овде и оние на Косово и во Србија?

Можам да кажам дека разликата главно е во технологијата, но секој рудник е посебна приказна за себе, различни се лежиштата по капацитет и мекост на стена, од што зависи и методот на експлоатација.

Некоја конкретна разлика не можам да издвојам, сепак, секој рудник има своја филозофија на работа, која зависи од многу фактори.

Во Рудниците каде работиме има многу високи стандарди, како за работа, така и безбедносни, се врши постојана контрола на безбедност при работа.

БИ: Треба ли рударите да исполнуваат некакви посебни услови за да можат да работат надвор од Македонија?

Без сертификат за ВКВ или КВ рудар не можеме да вработуваме. За овие сертификати се полага пред Државен инспекторат за рударство. Со сертификатот рударот добива дозвола за работа со одредена машина или да врши минирање, бушење или некоја друга работа. Таа одговорност за обука на кадри ја вршат самите рудници, концесионери.

БИ: Со какви предизвици се соочувате во работата?

Генерално имаме проблем со тоа што рударите се веќе од постарите генерации. Покрај тоа, системот во кој порано работеле е различен од тој што се работи денес. Значи најголем проблем ни се човечките ресурси. Без добра екипа нема иднина.

БИ: Имате ли стратегија како да привлекувате помлад кадар?

Ние како компанија главно ангажираме луѓе со претходно работно искуство. Ние не сме концесионери за да можеме да обучуваме луѓе. Едно е да си концесионер, друго е да си сервисно ориентирана компанија.

Ние нудиме специјализирани услуги во индустријата за експлоатација на минерали и руди.

БИ: Какви се вашите планови за понатаму? Планирате да работите и во Македонија?

Македонија засега не ни е во план. Во Македонија ситуацијата е поразлична, неколку рудници во Македонија што работат подземна експлоатација имаат доста предизвици.

За во иднина ја разгледуваме можноста да го зголемиме бројот на вработени, но дефинитивно проблем во оваа струка се човечките ресурси. Помладите генерации малку се образуваат во оваа струка.

Планирам да отворам уште една фирма, наредниве месеци треба да се заврши се за да почнеме, ама повеќе за тоа следниот пат 🙂