
Глобалниот капацитет на авионите на авиокомпаниите ќе биде помал од очекуваното оваа година и ќе остане ограничен најрано до 2025 година, предупреди генералниот директор на ИАТА, Вили Волш, поради доцнење со испораката на нови авиони и недостаток на резервни делови.
„Не можам да видам дека нешто навистина или значително се подобрува најрано до 2025 година, а можеби дури и по таа година“, изјави Волш за Ројтерс на маргините на конференцијата во Даблин.
Авиокомпаниите, надевајќи се дека ќе остават зад себе долгогодишни ограничувања на пандемијата, очекуваат побарувачката за патувања да се врати на нивоата во 2019 година, но недостатокот на авиони за да се задоволи побарувачката може да го запре растот.
Производителите на авиони Боинг и Ербас чувствуваат голем притисок поради тесните грла во синџирот на снабдување што предизвикуваат доцнење на испораката, а Волш рече дека шефовите на авиокомпаниите исто така му рекле дека нема доволно резервни делови, особено за моторите.
„Тоа значи дека капацитетот ќе биде малку помал отколку што предвидуваше индустријата“, рече Волш, додавајќи дека очекува намалувањето за оваа година да биде ниско едноцифрено, објави Ројтерс.
Минатата недела, Боинг објави ново стопирање на испораките на 737 поради проблеми со добавувачите, додека извори од индустријата рекоа дека Ербас почнал да ги известува авиокомпаниите за доцнење на испораката за 2024 година, за своето најпродавано семејство авиони А320.











