Истрага за измама со органски јајца во Германија

37

germanijaГерманските власти ја истажуваат можноста за голема измама на произведувачите на органски јајца во оваа земја, кои продаваат јајца од кокошки што се чуваат во несоодветни услови и затоа не може да бидат означени како органски производ.

Во Долна Саксонија е покрената истрага против 150 фарми, а истраги против 50 фарми се спроведуваат во уште две сојузни држави. Фармите се под сомнение дека ги прекршиле прописите на ЕУ за чување на кокошки носилки, затоа што ги чувале во премали кафези.

“Доколку обвиненијата против фармите се потврдат, тогаш зборуваме за измама од големи размери, измама на потрошувачите, но и на оние органски произведувачи што својата работа си ја работат чесно”, изјави германската министерка за земјоделство, Илзе Ајгнер.

Таа ги повика регионалните власти да обезбедат примена на строгите германски и европски прописи за производство на органска храна, додавајќи дека потрошувачите мораат да имаат потполна доверба во декларациите на производите.

Производството на органска храна е силно развиена индустрија во Германија, која многу внимание посветува на заштита на животната средина и има многу потрошувачи што сакаат да платат поскапо за органски производи.