Истражувачка конференција на НБ: Посилни економии преку зелена и дигитална трансформација

16

Зелената и дигитална трансформација можат да придонесат за градењето на посилни и поотпорни економии кон шокови во иднина. Предизвиците со кои сега се соочуваат економиите во светот, најнапред здравствената, а годинава и енергетската криза и ценовните притисоци, покажуваат дека треба да се бараат нови решенија и да се размислува подолгорочно во однос на обезбедување на одржливи извори на енергија и зголемување на производството на храна. Ова беше посочено на панелот „Градење поотпорни економии во контекст на постојаните шокови” во рамки на 8.Истражувачка меѓународна конференција на Народната банка, која беше организирана во соработка со Европската инвестициска банка.

На овој панел учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии Фатмир Бесими, гувернерoт на централнaта банка на Хрватска, Борис Вујичиќ, и потпретседателката на ЕИБ, Љиљана Павлова. Дискусиите во рамки на панелот беа насочувани од страна на извршниот директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Марио Холцнер.

Гувернерката на Народната банка посочи декa финансискиот сектор, особено банките, покажаа висока отпорност за време на ковид-19 кризата и беа поддршка за економијата во премостување на шоковите. Значително подобрата кондиција на банкарскиот сектор во земјите од регионот во изминатите десет години, во споредба со Глобалната финансиска криза се должи пред се на регулативите кои беа донесени во насока на ликвидноста, капиталот и управувањето со ризик. Тие и понатаму остануваат потпора за економијата во надминување на предизвиците. Значајно е што банкарскиот систем дава поддршка и на зелената трансформација преку финансирање на проекти за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Фокусот на носителите на политиките, понатаму рече гувернерката, треба да остане на спроведувањето на структурните реформи, бидејќи на долг рок само тие можат да направат промена во насока на зголемување на економскиот потенцијал. Таа истакна дека има многу фактори  кои можат да влијаат во оваа насока – конкурентноста на економијата, квалитетот на човечкиот капитал, квалитетот на институциите, иновациите и технолошката подготвеност се само дел од нив. Посочи и дека дигитализацијата може да придонесе многу во насока на зголемување на продуктивноста.

Министерот Бесими посочи дека Владата има два приоритетa – справување со последиците од глобалната енергетска криза и ценовните притисоци, како и одржлив економски развој. Тој рече дека растечките цени претставуваат грижа за граѓаните и компаниите, затоа Владата презема мерки за ублажување на растот на цените и на тој начин заштита на стандардот на граѓаните. Посочи дека на 9 март Владата усвои пакет од 26 мерки во износ од 400 милиони евра со цел зачувување на животниот стандард на граѓаните и обезбедување доволна ликвидност на компаниите. Министерот додаде дека во услови на криза клучен е кризниот менаџмент и изградба на стратегија за критична инфраструктура. Во оваа насока, додаде Бесими, Владата презеде мерки во насока на ублажување на последиците од енергетската криза уште минатата година, како што е намалувањето на ДДВ за електрична енергија за домаќинствата, како и 10,6 милијарди денари поддршка на ЕСМ.

Потпретседателката на ЕИБ, Павлова, посочи дека тековниот воен конфликт, доколку потрае, дополнително ќе го попречи глобалното закрепнување од пандемијата и ќе ја намали довербата на потрошувачите, производителите и инвеститорите, погодувајќи ја инвестициската и потрошувачката активност. Таа истакна дека економиите треба да се справат со овие предизвици, без да се изгубат од вид зелените и дигитални амбиции. Павлова рече дека тековната криза ја поттикнува зелената транзиција кон практики за зелено управување и иновации погодни за климата. ЕИБ работи на составување пакет за отпорност за земјите надвор од ЕУ, одржливо земјоделство и забрзување на производството на обновлива енергија за поддршка на енергетската безбедност, посочи потпретседателката.

Гувернерот на централната банка на Хрватска, Вујичиќ, пак, истакна дека растот на дигиталната економија носи нови конкуренти на традиционалните финансиски посредници. За да се направат економиите поотпорни, важно е лидерите на јавниот и приватниот сектор да имаат широка перспектива, брзо да ги приспособуваат политиките во услови на променливост и да бараат начини да внесат отпорност во општеството во поширока смисла.

Извршниот директор на Виенскиот институт, Холцнер посочи дека пандемијата и војната во Украина ќе дејствуваат како катализатор за голем број долгорочни трендови и случувања во Централна, Источна и Југоисточна Европа. Тој истакна дека добро избалансираниот избор на економски политики е клучен за да се справиме со ризиците и предизвиците, како и да ги искористиме можностите.