Истражување: Постарите работници се чувствуваат дискриминирани на работа

Oтприлика секој петти вработен на возраст над 55 години смета дека е дискриминиран поради неговата возраст, покажува британско истржажување.

Истражувањето на две илјади возрасни лица од финансиската компанија „Канада Лајф“ (Canada Life) открило поплаки кои вклучуваат помалку можности за напредување на работното место и чувство на поголем притисок да ја завршат својата работа добро.

Постарите луѓе исто така веруваат дека има негативна промена во ставовите кон нив во последниве години, при што работодавците помалку ги ценат, се вели во извештајот.

Ден Крук, директор за продажба во „Канада Лајф“ изјави дека „постарите работници се во срцето на нашата економија и се исклучително вреден ресурс за илјадници работодавци“.

-Тие носат на нивните работни места искуство и експертиза што доаѓаат со текот на времето и загрижувачки е што многумина се чувствуваат дискриминирани на работното место и чувствуваат дека нивните можности за напредување се загрозени од кризата на трошоците за живот, вели тој.

Според него, во време кога вработените се чувствуваат исцрпени и финансиски и емоционално на работното место, работодавачите мора да обезбедат еднакви можности и поддршка.

-Тие имаат должност да се грижат да создадат средина каде работниците на сите возрасти и на сите нивоа ќе чувствуваат дека можат да напредуваат во својата професија, заклучува Крук.