Истражувања: Парите може да купат поквалитетен живот, но не и среќа

34

Дали луѓето од листите на „Форбс“ навистина се посреќни од „обичните смртници“ – на ова прашање се обидуваат да одговорат стручњаците кои ја проучуваат среќата. Така, првичниот заклучок гласи: Парите можат да купат поквалитетен живот, но не секогаш и среќа.

Во испитување на американските социјални истражувачи Ед Динер, Џеф Хорвиц и Роберт Емонс, тие го споредија субјективното чувство за благосостојба на сто луѓе од листата најбогати Американци на „Форбс“ и сто луѓе со просечни примања. Се покажа дека богатите луѓе во просек се само малку посреќни од луѓето со просечни примања. Никој од испитаниците не верувал дека парите се главен извор на среќа, а како главни најчесто ја наведувале самоувереноста и самовреднувањето.

Во 2010 година, слично истражување е спроведено од Даниел Канеман и Ангус Дитон од Центарот за здравје и благосостојба при Универзитетот „Принстон“ во Њу Џерси (САД), инаку добитници на Нобеловата награда за економија. Тие откриле дека побогатите луѓе мислат дека нивните животи се подобри. Но, емоционалната благосостојба расте пропорционално само до годишна плата од 75.000 долари. Над тоа, луѓето не се дополнително позадоволни ако примањата се повисоки.

Во студија од Холандија, којшто опфатил луѓе со просечни и натпросечни примања, покажа дека богатите луѓе минуваат повеќе време во работна дејност – 30 отсто од денот, наспроти оние другите (25 отсто).

Но, кога станува збор за слободното време, има поголеми разлики. Двете групи минуваат подеднакво време на слободни активности, но луѓето со просечни примања повеќе време минуваат на каучот пред телевизор, на социјалните мрежи и слично додека милионерите активно го поминуваат своето слободно време. Околу 22 проценти од нив пријавиле дека се занимаваат со спорт, некое хоби или доброволни корисни дејности, во споредба со 16 отсто од луѓето од групата со просечен приход.

Истражувачите откриле и дека поактивното хоби е поврзано со задоволството во животот. Односно, колку е човекот поактивен, толку е посреќен, без разлика колку пари има.

Натаму, некои истражувања покажуваат дека кога купуваме работи, и тоа може да нѐ расположи, но тоа е само така наречена моментна среќа. Според Универзитетот на Британска Колумбија (Канада), материјалните работи ни носат среќа во мигот кога ги користиме и тоа може да се повторува, а искуствата ни носат поинтензивна, но еднократна моментна среќа.

Заклучокот на психолозите гласи дека со пари може да се купат повеќе работи што ги прават луѓето среќни, но прво, човекот треба да препознае што ќе го направи можеби и најсреќен.