Италија преговара со кинеската Chery за производство на автомобили

16

Италијанската влада е во преговори со кинеската Chery Auto за да привлече уште еден голем производител на автомобили, заедно со Stellantis, изјавија два извори за Reuters.

Рим сака да го зголеми домашното производство на 1,3 милиони возила годишно, од 800.000 во 2023 година, и веќе е во преговори со Stellantis, единствениот голем независен производител на автомобили во Италија. До крајот на деценијата мултинационалната групација треба да произведува еден милион автомобили годишно.

Министерот за индустрија Адолфо Урсо изјави дека Италија сака уште еден производител кој во своето производство ќе додаде околу 300 илјади возила.

Доколку преговорите вродат со плод, Chery ќе биде меѓу првите кинески компании кои произведуваат автомобили во Европа. Ваквиот исход би значел зголемена конкуренција за домашните производители, особено во сегментот на електрични возила, забележува Ројтерс.

Chery е моментално најнадежната опција на Рим, рече еден од двата извори.

Портпаролот на италијанското министерство за индустрија одби да коментира.

Во февруари, Урсо рече дека разговараат со американската Тесла и три неименувани кинески производители на автомобили, чии претставници минатата година ја посетија Италија за да ги проценат потенцијалните можности за инвестирање.

Директорот на Chery Europe, Јохен Туетинг, изјави за Ројтерс дека очекуваат продажбата во Европа да го оправда изградбата на фабрика за монтажа.

„Истражуваме различни можности низ Европа“, рече Туетинг. „Во моментов водиме разговори на неколку локации во Европа“, додаде тој, нагласувајќи дека не може да ги именува поради обврската за доверливост.

Индустријата и владините извори зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи дискусиите се доверливи, пренесува Пословни.хр.

Извор од индустријата рече дека Chery размислува за обнова на постоечка фабрика или изградба на нова во Италија, но исто така ги проценува и другите можности во Европа, вклучително и поранешната фабрика на Nissan во Барселона.