Италија се бори против кинеското преземање на Пирели

101

Италија ја блокираше можноста кинеска државна фирма да ја преземе контролата над Пирели. Одлуката ја донесе италијанската влада за да ја заштити независноста на производителите на гуми.
Најголем акционер на Пирели е кинеската хемиска компанија Синохем, која поседува 37 отсто од акциите во миланската компанија.

Во соопштението до инвеститорите, Пирели истакна дека врз основа на владината одлука, само Камфин, управуван од актуелниот директор на Пирели, Марко Тронкети Провера, може да предложи кандидати за водечки луѓе на компанијата. Владата одлучи и сите промени во раководството на компанијата да бидат предмет на официјална контрола.

Во март Синохем ја информираше италијанската влада дека планира да го обнови и ажурира постојниот акционерски договор. Кабинетот на Мелони посочи дека ќе преземе чекори според правилникот кој им овозможува на земјите од ЕУ да ги заштитат своите компании кои ги сметаат за стратешки.

Да потсетиме, во 2015 година Пирели беше купен од група инвеститори, меѓу кои и компаниите ChemChina и Camfin, за 7,1 милијарди евра. Шест години подоцна, ChemChina се спои со државната Sinochem.

Освен тоа, 9 отсто од акциите во Пирели се во сопственост на инвестицискиот фонд на кинеската влада, кој е поврзан со кинеската иницијатива „Патот на свилата“, која е дел од економската дипломатија на Пекинг, пренесува „Аутоблог“.