Компанија за 3D печатачи во Италија дизајнира и испечатила 100 респираторни вентили за 24 часа за болница која останала без нив, спасувајќи многу животи.
Со помош на вентилите, пациентите на интензивна нега се поврзуваат со машините за дишење.
Болницата во Бреша имала 250 пациенти со коронавирус на интензивна нега, а вентилите биле дизајнирани да се користат еднократно, најмногу осум часа.
Вентилите од 3D принтерите чинат помалку од едно евро за да се произведат, а да се дизајнира прототипот биле потребни три часа.
Италијанска новинарка Нунција Валини откри дека главниот снабдувач не бил во состојба да ги испорача потребните вентили. Таа ја поврзала болницата со извршниот директор на компанијата Isinnova, Кристиан Фракаси. Тој и инженерот Алесандро Ромајоли отишле во компанијата и три часа подоцна се вратиле со прототип.
“Вентилот беше тестиран на пациентка и рекоа дека функционира. Се вративме во канцеларијата и продолживме да печатиме нови“, изјави Ромајоли за BBC.
Двајцата ги здружиле силите и почнале соработка со друга локална компанија за 3D печатење за да ги задоволат потребите на болницата. Isinnova има шест печатачи, а да се изработи еден вентил е потребен еден час.
Компаниите ги изработуваат вентилите бесплатно, но дизајнот ќе остане деловна тајна.
“Вентилот има многу мали дупки и цевки помали од осум милиметри. Не се лесни да се испечатат. Покрај тоа, при печатењето мора да се внимава производот да остане стерилен и да се направи на клинички начин“, рече Фракаси.
И друга болница побарала помош од компанијата затоа што им недостасувале вентили.
“Не спиевме два дена. Се обидуваме да спасиме животи“, наведува Фракаси.
Фото: Facebook