Италијанската ИТ компанија ДФ Лабс отвора претставништво во Скопје

40

dflabs

Италијанската компанијата ДФ Лабс интернешнл, чија специјалност се системи за заштита од сајбер напади и форензички анализи, денеска отвори претставништво во Скопје.

Компанијата ќе нуди софтвер за заштита и брзо справување при сајбер напад со што помалку финансиски загуби на ИТ системот на клиентот. Потенцијални клиенти за услугата се болници, градежни компании, банки… Софтверот, пак, што ќе го нудат за дигитална форензика на системите, претежно го користат  владини агенции, тајни служби, полициски органи…

Македонија, според извршниот директор на ДФ Лабс интернешнл, Дарио Форте, е многу интересна земја, со развиен професионализам и со интересна ИТ инфраструктура.

“За само неколку месеци ја креиравме канцеларијата на ДФ Лабс интернешнл и започнавме со нашиот план за вработување. Позитивно сум изненаден од силните образовни темели на луѓето кои ги ангажиравме. Планираме на вработените да им обезбедиме најдобри обуки со цел да ја направиме ДФ Лабс интернешнл лидер во оваа област и којашто ќе може да го опслужи европскиот, средно источниот и африканскиот пазар, вклучувајќи ја и Македонија“, изјави Форте, јавува Миа.

Административните работи ги завршиле за краток период и почнуваат со работа за многу пократко време од планираното. Бројката на десетмината вработени најавува дека ќе ја зголеми двојно до крајот на следната година.

Влезот на ДФ Лабс интернешнл на македонскиот пазар, според министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, е доказ дека инвестициските можности на Македонија се привлечни за малите и средни претпријатија со висок квалитет на услуги. Пред извршниот директор на ДФ Лабс интернешнл ги претставил можностите за вложување во Македонија пред една година во Италија. Договорена е посета на Македонија во тек на која италијанскиот бизнисмен се запознал со капацитетите на ИТ секторот од компаниите ФX3X  и Космик Девелопмент, универзитетите од областа и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

“Беше убеден дека Македонија е вистинско место од каде неговата компанија ќе испорачува услуги од оваа област“, изјави министерот Наумоф.