Италијански Eni ќе бара нафта и гас со суперкомпјутер

Италијанската енергетска компанија „Ени“ започна да користи еден од најсилните светски суперкомпјутери со цел да ја усоврши технологијата за истражување на нафта и гас, а тоа треба да биде важен чекор кон декарбонизација на бизнисот и имплементација на стратегија за чиста енергија.

Суперкомпјутерот наречен HPC6 чини 100 милиони евра и ќе може да врши голем број функции на вештачка интелигенција и високо софистицирани пресметки со помош на речиси 14 илјади графички процесорски единици.

На овој начин, Eni ќе може да филтрира големи количини на податоци и да пронајде нови наоѓалишта на нафта и гас, но истовремено ќе може да изврши и низа пресметки поврзани со процесот на декарбонизација и чистата енергија.

Податоците најчесто се добиваат преку операции на дупчење, сеизмички истражувања и симулации на локацијата. Суперкомпјутерите можат да им помогнат на енергетските компании да утврдат каде точно се наоѓаат резервите на нафта и гас, колку се големи тие резерви и кои би биле најдобрите начини за дупчење за секое од тие наоѓалишта.

Eni веќе користеше суперкомпјутерска технологија за геолошки студии поврзани со складирање на јаглерод и подобрување на функционирањето на индустриските постројки и производство на подобри батерии. Оваа технологија ја зголеми ефикасноста на синџирот на снабдување со биогориво.

Главниот извршен директор на Eni, Клаудио Дескалци, изјави дека иновациите и континуираниот технолошки развој се клучни за континуираното лидерство на Eni во енергетската транзиција.