Ивеала: Војните и нестабилноста закана за глобалната економија

36

Војната, неизвесноста и нестабилноста се закана за глобалната економија, изјави денеска директорот на Светската трговска организација (СТО) Нгози Оконџо-Ивеала на седницата на министерската конференција на СТО во Абу Даби.

„Прекини во транспортот на виталните водни патишта како што се Црвеното Море и Панамскиот канал предизвикуваат одложувања и инфлациски притисоци“, рече Оконџо-Ивеала.

Според неа, повисоките цени на храната, енергијата и другите основни потреби претставуваат удар за финансиите на граѓаните и „поттикнуваат политичка фрустрација“, пренесува АП.

„Луѓето насекаде се загрижени за својата иднина и тоа ќе се почувствува за време на гласањето оваа година“, додаде Оконџо-Ивеала.

Таа предупреди на последиците од честите напади на мултилатерализмот.

„Мултилатералниот трговски систем, кој го нарекувам глобално јавно добро откако е создаден пред 75 години, продолжува да се поткопува и погрешно да се толкува во некои кругови“, рече директорот на СТО.

Соединетите Американски Држави имаат резервиран став кон СТО, а организацијата е исто така попречена од несогласувањата меѓу Вашингтон и Пекинг, како и сложениот систем на гласање, бидејќи големите одлуки бараат консензус.

СТО сега има 166 членки бидејќи Коморските Острови и Источен Тимор се приклучија на организацијата.