Ивица Тодориќ уапсен во Лондон, па пуштен на слобода со кауција од 100.000 фунти

27

agrokor-logo

Фото: Agrokor.hr

Сопственикот на Агрокор, Ивица Тодориќ вчера беше уапсен во Лондон, но подоцна е пуштен на слобода со кауција од 100.000 британски фунти, пренесуваат хрватските медиуми.

Според официјалното соопштение на хрватското Министерство за внатрешни работи, Тодориќ во 9:04 часот по локално време вчера (07.11.2017 година) е повикан во Charing Cross Police Station во Лондон, каде е уапсен на основа на Европски налог за апсење, што по налог на Државното обвинителство на Хрватска го распиша полицијата на оваа земја.

Судот во Лондон, како што пишува Dnevnik.hr, го пушти на слобода Тодориќ со мерки на претпазливост, а следното рочиште е закажано за 10-ти април следната година. Сопственикот на Агрокор уплати кауција од 100.000 британски фунти, одземен му е пасошот, мора да носи безбедносна алка и да се пријавува во полиција три пати во неделата.

“Контекстот во којшто ви нудам кауција е фактот дека во оваа земја и ширум светот вашиот имот е замрзнат, а вашата способност да добиете пари е ограничена“, изјави окружниот судија, Ричард Блејк, јавува Reuters.

Агрокор својата историја почна да ја гради во 1976 година како компанија за производство на цвеќе и цветни садници, а 40 години потоа се шири низ разновидни дејности. Во портфолиото на Агрокор се наоѓаат повеќе од 60 компании. Најголем дел од работењето сочинува трговијата на мало (80%). Во трговијата на мало најголема компанија е трговскиот ланец Конзум, словенечки Меркатор и најголемиот малопродажен синџир на киосци Тисак.

Втората група се однесува на храна и земјоделие, којашто опфаќа околу 17% од работењето. Областа на храната опфаќа производство на масло, маргарин, сладолед, замрзната храна, вода, пијалаци, месо и земјоделие. Во овој сегмент работат компаниите Агролагуна, Јамница, Ледо, ПИК Врбовац, Звијезда и други.

Агрокор почна да се шири и надвор од својата основна дејност (малопродажба и производство на храна) и влезе во здравството, купувајќи ја во 2012 година приватната поликлиника Авива, а истата година влегува и во туризмот, стекнувајќи удел во туристичката агенција Гуливер Травел.

Групацијата Агрокор влезе и во областа на информатичката технологија, па така во 2010 година основана е компанијата mStart којашто ја разви платформата за онлајн трговија Abrakadabra. Хрватскиот гигант влезе и во градежниот бизнис, купувајќи ја компанијата Пројектградња од Славонски Брод.

Групацијата Агрокор вработува 60.000 луѓе, од кои 40.000 во Хрватска и директно влијае на 2% до 3% од хрватскиот БДП.

Но, минатата година почнаа проблемите на овој гигант. Според хрватските аналитичари, преголемиот залет во земјоделското производство со помош на скапи обврзници и прескапата авантура со аквизицијата на словенечки Меркатор се клучните грешки на првиот човек на Агрокор, Ивица Тодориќ. Долгот на Агрокор кон кредиторите изнесува 3,4 милијарди евра, а кон добавувачите 2,2 милијарди евра.