Министерството за економија распиша оглас на кој можат да аплицираат сите заинтересирани приватни концесионери за менаџирање и стопанисување со комплексот Македонско село, лоциран во скопската населба Нерези спроти манастирот Св. Пантелејмон.
Огласот се распишува со цел музејот на отворено Македонско село да стане ексклузивна туристичка атракција. Апликациите со план и концепт за работењето треба да се достават до 10-ти октомври.
Во комплексот кој се простира на површина од 12.194 метри квадратни, се наоѓаат 12 автентични куќи од различни региони на Македонија.
Има и два ресторани, музеј, сувенирница, портирница и мал амфитеатар за организирање конференции, како и посебен дел со селско-стопански содржини – воденица, валавница, трло, штала, рибник, кои идниот концесионер ќе може да ги стопанисува.
Како што е наведено комплексот би служел за хотелиерска, угостителска, туристичка и занаетчиска дејност, продажба на сувенири, како и производство на храна.
Издавањето на комплексот под концесија е дел од активностите за спроведување на Стратегијата за развој на туризмот и туристичките ресурси и капацитети на државата.