Изградбата на новите автопати Скопје – Свети Николе – Штип и Кичево – Охрид ќе биде реализирана со исклучитено поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од дваесет години, пет години грејс период и каматна стапка од 2% поени.
Ова беше соопштено од страна на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за одлуките од седницата на Владата за усвоените закони за реализација на проектите за автопатите.
Изградбата на автопатите ќе придонесе за севкупниот економски развој на државата, првенствено нови работни места за македонските граѓани и многу работа за градежниот сектор во наредните четири години, период во кој ќе трае изградбата. Пешевски и Јанакиески образложија дека Владата ги усвоила законите за реализација на инфраструктурните објекти за автопатските делници и предлог-договорите со градежната компанија.
Министерот за транспорт и врски Јанакиески појасни дека главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49% од предвидените работи, а, исто така, и да набави најмалку 49% од градежните материјали од македонски произведувачи. Изведувачот и подизведувачот во текот на изградбата треба да ангажираат, исто така, најмалку 51% македонски државјани.
Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје – Свети Николе – Штип ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево – Охрид – 374 милиони евра. Во договорот има и одредба со која се предвидени 10% за дополнителни непредвидени работи.
„Проектот ќе биде финансиран 10% со пари од македонската Влада, 90% преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка. Условите на кредитот се навистина многу атрактивни. Се работи за кредит со рок на враќање од дваесет години, пет години грејс период и каматна стапка од само два отсто процентни поени на годишно ниво. Ќе овозможи полесно поврзување на целата држава, ќе значи поддршка на локалниот економски развој, и пред се полесно патување за граѓаните до центарот на градот и до главните туристички центри, во прв ред, до Охрид и сé што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура”, рече Пешевски.
Тој додаде дека со реализацијата на овие инфраструктурни проекти, но и со претходно започнатите, Владата очекува државата да има уште повисоки стапки на раст на економијата и подобар животен стандард за граѓаните.
Јанакиески ги појасни техничките карактеристики на најавената патна инфраструктура, при што информираше дека автопатот Скопје – Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево – Охрид, пак, во должина од 56,7 километри и вкупна широчина на коловозните ленти од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.
“Владата паралелено работи на изградба на автопатската делница од Коридорот 10, Демир Капија – Смоквица со финансии во износ од 220 милиони евра, а во тек е постапката за ангажирање градежна компанија за рехабилитација на патниот правец Велес – Катланово. Овие инвестиции заедно со изградбата на обиколницата, и на патниот правец Табановце – Куманово, ја покажува заложбата на Владата за подобрување на патната инфраструктура”, заклучи Јанакиески.