Изградете силен менаџерски тим во три чекори

29

tim-pixabay

Фото: Pixabay

Да се има силен и ефективен менаџерски тим е најважното нешто доколку сакате вашата компанија да оди во нагорна линија. При составувањето на вашиот тим, потребно е да разграничите какви профили на луѓе ви се потребни и кои способности треба да ги поседуваат. За таа цел, ви нудиме неколку совети како да го изградите својот тим и бизнисот да ви тргне во насоката која ја посакувате.

Чекор 1

Детерминирајте какви менаџерски тимови ви се потребни

Испитајте какви профили на вработени имате. На пример, ако неодамна сте вработиле голем број на луѓе, потребно ви е лице кое ќе се грижи за човечките ресурси.
Разберете ги сопствените слабости. Ако немате способности за продавање на производи, односно не можете лесно да ги убедите купувачите да го купат вашиот производ, потребен ви е силен директор за продажба. Исто така, ако не се справувате добро со бројките, потребен ви е некој кој се разбира во тоа како шеф на сметководство или директор на финансии.
Побарајте помош од професионалната мрежа. Доколку се работи за семејна фирма, побарајте совет од своите родители или од некој од постарите вработени. Исто така, помош можете да побарате и од некои од поранешните колеги и најважно од се е да слушате добро што ве советуваат.

Чекор 2

Регрутирајте ги членовите на вашиот тим

Ако имате мала компанија во која ги знаете сите вработени, размислете кој од нив поседува лидерски потенцијал. Разговарајте со нив за нивните интереси и видете дали тие се поклопуваат со вашите.
Барајте талентирани водачи во индустријата или во делот во чија експертиза ви е потребна. Едно од најважните правила е да се вработуваат квалитетни луѓе на раководни позиции, а не поради роднински или пријателски врски.

Чекор 3

Развој на вашиот менаџерски тим

Закажете состаноци. Откако ќе го составите тимот, закажете состаноци и со секој менаџер посебно, но и со сите заедно како група. Објаснете им ги вашите очекувања и разграничете им ги одговорностите и улогите, за да не дојде до конфликт.
Размислете за развивање на стратешки план. Вашиот тим ќе посака секој ден да биде на врвот, но за тоа да се случи потребна ви е стратегија на долг рок.
Делегирајте ги потребните обврски и задачи. Не се плашете да издавате наредби за кои сметате дека се потребни да бидат извршени.
Потрудете се да се претставите како авторитетна личност. Менаџерите нема да го дадат својот максимум во работењето ако не се поставите како авторитет. Верувајте му на вашиот тим дека ќе ги носи правилните одлуки и надгледувајте ги нивните одделенија правилно.