Изложба на детски цртежи на тема Штедење и безбедност во сообраќајот, во НЛБ Банка

139

Во НЛБ Банка на 30- ти октомври свечено беше отворена изложбата на детски цртежи на тема штедење и безбедност во сообраќајот. Изложбата ја отворија Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на банката и македонската уметница Јана Манева – Чупоска.

Како поддржувач на уметноста и науката, НЛБ Банка, по повод НЛБ Месецот на штедење, традиционално, по седми пат, организира изложба на детски цртежи на тема штедење и безбедност во сообраќајот. Цртежите се собираа преку организирани забавно – едукативни посети на повеќе училишта и градинки во Македонија и во самите експозитури на банката.

Почетокот на активностите за собирање на цртежите беше означен со НЛБ Ден, на 25-ти септември, кој беше организиран во НЛБ Галеријата на банката. Децата во период од еден месец, односно до 25-ти октомври, имаа можност да донесат цртежи кои беа објавувани на посебната веб страна http://stedenje.nlb.mk на која се гласаше за најдобар цртеж.

Во текот на НЛБ Месецот на штедење беа собрани околу 1.800 цртежи. Цртежите беа разгледувани од комисија составена од ренoмираните македонски уметници: Јана Манева Чупоска, Сергеј Андреевски, Свето Манев и Анѓел Димовски –Чауш, кои ги издвоија најдобрите цртежи. Покрај наградените цртежи од страна на стручната комисија, награди беа доделени и на цртежите кои освоија најголем број на гласови преку веб страницата на банката. Најдобрите цртежи на отвoрањето на изложбата беа наградени со парична награда и пофалници, а притоа беа доделени и благодарници на сите училишта и градинки кои учествуваа во активностите за Месецот на штедење.

Оваа година акцијата има и хуманитарен карактер, односно банката ќе донира по 200 денари за секој пристигнат цртеж. Средствата ќе бидат донирани на Специјална Олимпијада Македонија кои НЛБ Банка ги поддржува веќе неколку години, а собраните средства ќе бидат наменети за учество на Летните Специјални Олимписки игри во Абу Даби 2019-та година.

Изложбата ќе биде отворена до 25-ти ноември, секој работен ден од 08.00 до 20.00 часот.