Измени и дополнувања на Тарифникот на Македонска берза

48

Од 27-ми овој месец, започнуваат со примена измени и дополнувања на Тарифникот за висината на надоместоците на Македонска берза АД Скопје.

Со овие измени и дополнувања наместо временото ослободување од наплата на надоместокот за сите иницијални јавни понуди којшто важеше до крајот на 2019 година, се пропишува неограничено ослободување од наплаќање надоместок за јавна понуда кога станува збор за реализација на иницијална јавна понуда на хартии од вредност преку Берза при преобразба на ДОО или ДООЕЛ во АД.

Исто така, надоместок за јавна понуда нема да се наплатува и при реализација на првата јавна понуда после уписот на преобразеното друштво во Централниот регистар, доколку за истата друштвото донесе одлука во рок од 12 месеци после преобразбата. Воедно, се задржува одредбата согласно којашто кај сите јавни понуди и иницијални јавни понуди на хартии од вредност запишувачите на хартии од вредност не плаќаат надоместок.

Пречистениот текст на Тарифникот за висината на надоместоците на Македонска берза АД Скопје може да се најде на интернет страната на Македонска берза, во делот Регулатива/Акти на Берзата/Тарифник.