Измени на Законот за јавни набавки за олеснување на бизнисот

19

javni nabavkiВладата предложи нови измени во Законот за јавни набавки со цел да се намалат трошоците и да се подобри пристапот на деловните субјекти во постапките на јавните набавки, да се подобри правната заштита и да се зголеми транспарентноста. Со измените владата директно и позитивно одговорила на барањата на деловната заедница, информираше владиниот портпаролот на Александар Ѓорѓиев. Со новите измени се предвидува:

1. Можност за користење електронски профил на економскиот оператор во Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). На овој начин сите економски оператори (компаниите) ќе можат да ги прикачат документите за докажување на личната состојба на нивниот профил, без при тоа да мора да ги прикачуваат во секоја електронска постапка поединечно. Тоа за нив ќе го прави самиот Електронски систем се додека документите се во важност. Тоа значително ќе ја олесни подготовката на понудите и ќе ја намали можноста од грешки.
2. Започнувајќи од 1 јануари 2014 година, секој договорен орган ќе има обврска задолжително на ЕСЈН да ја постави целокупната тендерска документација и тоа веднаш во моментот на објавување на огласот. Само за поедини случаи (големи документи, односно случаи кога системот не поддржува одреден формат) договорниот орган ќе може да не ја прикачи тендерската документација, но затоа ќе треба да прибави дозвола од Бирото за јавни набавки. Исто така, се забранува наплаќањето на тендерската документација, што е особено важно за зголемување на конкуренцијата и пристапот до јавните набавки на малите и средни претпријатија. На овој начин секој потенцијален понудувач без поголем напор и без никакви трошоци ќе може да ја обезбеди документацијата, а ќе се надминат и пречките од територијален аспект (на пример една компанија од Крушево да конкурира/подигнува хартиена документација од седиште на договорен орган во Скопје).
3. Се проширува опфатот на техничкиот дијалог на сите аспекти и услови од целокупната тендерска документација, а не како досега само за техничките спецификации од истата и се воведува обврската сите економски оператори да бидат информирани за секој коментар и приговор на секој оператор во процесот на техничкиот дијалог за секој аспект од тендерската документација. Со ова директно се одговара на барањето на бизнис заедницата до Владата.
4. Се воведува обврска во случај на промена на некој услов од тендерската документација (промена која согласно закон може да се случи најдоцна до 6 дена пред завршувањето на рокот за поднесување на понудите), претходно утврдениот рок задолжително да се продолжи за најмалку 6 дена, за компаниите да можат да одговорат на промените.
5. Се воведува обврска секој договорен орган при секоја посебна постапка задолжително на ЕСЈН да ја објавува проценетата вредност на договорот, за да може компаниите да имаат поголем увид во податоците кои се битни за одлука за нивниот деловен потфат и за конкурирањето.
6. Дополнително се регулираат правата и обврските при конкурирање од страна на група понудувачи. Имено, се предвидува обврска во случај на конкурирање на група понудувачи, компаниите кои ја сочинуваат групата пред поднесувањето на документацијата задолжително меѓусебе да потпишат договор кој ќе ги регулира нивните парцијални односи и интереси, односно да се предвиди кој е основен понудувач, кој ја сноси гаранцијата, кога, кој и како може да се откаже или да не се откаже од процесот итн. Тој договор треба да е составен дел на групната понуда.
7. Од постапките за јавни набавки се исклучуваат обезбедувањето на нотарски и услуги за извршители бидејќи оваа материја е уредена со материјалните закони кои го уредуваат нотаријатот и извршителството.
8. Од 1 јануари 2014 година се предвидува можност доколку при една постапка се јави или остане само еден понудувач да може дополнително да се намали претходната цена преку формулирање на конечна цена.
Поаѓајќи од политиките на Владата за решителна борба против корупцијата и злоупотребите во вршење на јавните овластувања се намалува можноста од субјективизам и се стеснува просторот за однесување кое може да значи противправност и решително се ограничуваат ситуациите на своеволност и волунтаризам.
1. Во случаите кога е познато дека на пазарот за одредено добро кое е предмет на јавната набавка постои само еден производител, се утврдува строга обврска за договорниот орган пред распишувањето на јавната набавка за тоа добро за кое постои само еден производител задолжително да побара и добие согласност од Владата за распишување на таква јавна набавка и да го образложи случајот и сите негови аспекти. Доколку тоа не го направи и распише јавна набавка, тогаш јавната набавка ќе се смета за ништовна, а лицето во договорниот орган ќе се соочи со кривична одговорност и казна затвор.
2. Изричито се забранува групирање на ставки во дел од набавката со коешто групирање би се ограничила конкуренцијата на само еден понудувач. На пример, договорен орган не смее да групира ставки во еден дел од набавката кога се знае дека за една ставка (од на пример групираните три ставки) постои само еден понудувач на пазарот и на тој начин своевидно да го исфаворизира тој понудувач и да го нацрта ликот на понудувачот кој токму преку тоа групирање треба да ја добие набавката.
Со третиот корпус на измени се овозможува подобра правна заштита на интересите на економските оператори и се подобрува позиционираноста и правната улога на Државната комисија за одлучување по жалби од јавни набавки.
1. Се прецизираат механизмите на правна заштита на економските оператори против незаконско издавање негативна референца, со што повторно одговараме на барањата на деловната заедница. Исто така, се оневозможува договорните органи да ги користат негативните референци за да ги примораат избраните понудувачи да прифаќаат услови кои не биле претходно содржани во тендерската документација.
2. Се утврдува строга обврска за договорните органи да ги почитуваат и применуваат одлуките и насоките на Комисијата за жалби по јавни набавки.