Измени во ИПАРД за подобра искористеност на средствата од ЕУ

43

br4_EUДел од измените на ИПАРД програмата вклучуваат купување најсовремена механизација за изградба и реновирање пластеници и оранжерии, средства за обнова на млекарници, фарми, преработувачки капацитети во месната индустрија, како и средства за изградба и реновирање објекти за руралниот туризам.

Имплементација ќе започне со следниот јавен повик што треба да биде објавен во јуни годинава.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, вчера соопшти дека е намалена границата за аплицирање што овозможува ИПАРД барања да поднесуваат и поситните земјоделци, но зголемена е и сумата за поголемите проекти. Според новите измени за претпристапните средства можат да конкурираат и малите и средните претпријатија, поради што се очекува значително поголема апсорпција на европските фондови.

“Можностите се сега многу поголеми. За оние кои сакаат да изградат нови оранжерии границата на дозволени трошоци е подигната на повеќе од 2 милиона евра. Ќе може да се користат и средства за изградба на нови објекти во руралните средини со капацитет до 30 соби и 70 легла во насока на развој на туризмот и нови вработувања за што сметаме дека ќе има голем интерес. Оттука, очекуваме на наредните огласи да се јават поголем број апликанти и искористеноста на средстата да биде многу поголема”, истакна Коњановски по средбата со претставниците на Сојузот на стопанските комори.

Досега, бројот на апликации беше прилично низок, 70 до 90 по јавен повик.

“Сега ќе биде сосема поинаку. Очекуваме по околу 1.000 апликации што ќе значи и многу посериозна апсорпција на средства”, напомена директорот на Платежната агенција Тони Димовски.

Согласно измените, во секторите млеко и млечни производи и месо и месни производи, намалени се минималните граници од 15.000 евра на 10.000 евра, а зголемени се максималните, од 800.000 евра на 3.000.000 евра.

Максималната граница се подигнува до 2.300.000 евра за проектите поврзани со изградба/обновување и модернизација на пластеници (со исклучок на тунелски фолии) и стакленици или до 1.700.000 евра за проектите поврзани со изградба/реконструкција на објектите за одгледување свињи во тов и за воспоставување нови живинарски капацитети за одгледување бројлери и модернизација на постоечките.

Во лозарството, овоштарството и зеленчукот, како прифатливи инвестиции се додаваат опрема за берба и пост-бербени активности, земјоделска механизација и приклучна опрема, промена или пренамена на насади/сорти/производство.