Извештај на НБ за 2020 година: Ризиците поврзани со домаќинствата останаа во контролирани рамки и покрај пандемијата

40

Домашниот финансиски сектор во целина досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнувањето на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за стабилноста и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесноста и натаму е присутна, затоа е важно финансиските институции да продолжат да се однесуваат со внимание и да одржуваат соодветни нивоа на капитализираност и ликвидност, се вели во заклучоците во Извештајот за финансиска стабилност во Република Северна Македонија за 2020 година, којшто вчера беше усвоен од страна на Советот на Народната банка, на редовна седница.

Како што е констатирано во Извештајот, и покрај изразените влијанија на пандемијата, ризиците поврзани со секторот „домаќинства” останаа во контролирани рамки, за што придонес имаа мерките за ублажување на ефектите врз пазарот на трудот и зачувување на расположливиот доход на домаќинствата.

Зголемената неизвесност и мерките за ограничување на движењето влијаеја за пад на личната потрошувачка и раст на штедењето, што домаќинствата главно го насочуваа во банките. И во 2020 година, задолженоста на домаќинствата беше умерена и главно се темелеше врз кредитите на домашните банки. Важно е што домаќинствата ја задржаа способноста за редовно намирување на долгот, што придонесе за одржување на квалитетот на кредитното портфолио на банките.