Извозниците на облека би можеле да загубат 65 милијарди долари

82

Екстремните горештини и поплавите би можеле да избришат 65 милијарди долари заработка од извоз на облека од четири азиски земји до 2030 година, бидејќи неповолните климатски услови ги затвораат фабриките, покажа студијата на Шродерс и Универзитетот Корнел во средата.

Истражувањето ги опфати и синџирите на снабдување на шест неименувани светски брендови кои работат во Бангладеш, Камбоџа, Пакистан и Виетнам. Според студијата, сите шест марки ќе бидат материјално оштетени, а во случај на една од нив загубата се проценува на пет отсто од годишната оперативна добивка, пренесува Ројтерс.

Резултатите од студијата претставуваат еден вид аларм за конфекциската индустрија која се соочува со значителни финансиски трошоци, но и за инвеститорите кои се соочени со оскудни информации за изложеноста на компаниите, велат авторите на извештајот.

Одговорот на индустријата на климатските прашања е главно фокусиран на намалување на емисиите и рециклирање, при што малку или воопшто не се обрнува внимание на поплавите и екстремните горештини. Разбирањето на физичките ризици поврзани со климата е критично за компаниите, се истакнува во студијата.

Користејќи ги проекциите, истражувачите ги анализираа идните нивоа на топлина и поплави за да проценат што би се случило во сценарио за „климатско приспособливо“ и сценарио за „висока топлина и поплави“. Во вториот случај работниците би претрпеле поголем „топлински стрес“ и висока влажност, а нивните работни перформанси би биле значително намалени.

Поплавите, исто така, ќе принудат затворање на фабрики во четири земји кои сочинуваат 18 отсто од светскиот извоз на облека и вработуваат 10,6 милиони работници во индустријата за облека и обувки. Целокупниот пад на продуктивноста ќе доведе до пад од 65 милијарди долари на проектираната заработка помеѓу 2025 и 2030 година.