Извозот во првите два месеци порасна за 9,8%, а увозот од 4,4%

23

Извозот на стоки во првите два месеца од годината оствари годишен раст од 9,8%, покажуваат најновите макроекономски показатели на Народна банка.

Притоа, растот на извозот во целост се должи на забрзаната извозна активност кај дел од капацитетите ориентирани кон извоз од автомобилската индустрија, како и на подобрите остварувања кај извозот на железо и челик. Сите останати извозни категории имаа умерен негативен придонес кон вкупниот извоз, пред сѐ извозот на облека и текстил и останатиот извоз.

Во споредба со октомвриската проекција, остварувањата во јануари и февруари 2021 година се подобри од очекуваниот извоз за првото тримесечје. Позначителни нагорни отстапувања се забележуваат кај извозот на производните капацитети во странска сопственост, а во помал обем и кај извозот на железо и челик.

Увозот на стоки во јануари и февруари 2021 година оствари раст од 4,4% на годишна основа. Растот на увозот во целост се должи на повисокиот суровински увоз на дел од извозните капацитети во странска сопственост, додека остварувањата кај сите останати увозни категории се умерено послаби на годишна основа.

Така, поизразено годишно намалување се забележува кај енергетскиот увоз (како комбиниран ефект од пониските увезени количини и увезени цени), надополнет со понискиот увоз на стоки за широка потрошувачка. Остварувањата кај увозот на стоки во јануари и февруари 2021 година се исто така повисоки од очекувањата за првиот квартал според октомвриските проекции.

Притоа, позначителни нагорни отстапувања се забележуваат кај суровинскиот увоз на производните капацитети во странска сопственост, а во помал обем и кај увозот на опрема и машини и увозот на стоки за широка потрошувачка.

Следствено, остварувањата кај извозот и увозот на стоки во јануари и февруари 2021 година упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекуваниот за првото тримесечје, според октомвриската проекција.

Фото: Pexels