Извозот за три месеци зголемен за 18%, а увозот за 14,1%

45

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – март 2021 година, изнесува 1.661.216.000 евра и бележи пораст од 18% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 2.188.960.000 евра, што е за 14,1% повеќе во споредба со истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март 2021 година, изнесува 527.743.000 евра.

Покриеноста на увозот со извоз, во периoдот јануари – март 2021, изнесува 75,9%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот.

Во увозот најмногу се застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови).

Во периодот јануари – март 2021 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.

Фото: Pixabay