Извршителите на обуки за слободен пристап до информации од јавен карактер

38

Извршителите преку обуки ќе се стекнат со знаење за начинот и постапката на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во сферата на извршувањето, што ќе биде од корист за граѓаните и институциите, пишува Миа.

За таа цел, претседателот на Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ), Зоран Петрески и претседателот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пеце Ташевски денеска потпишаа Меморандум за соработка.

“Соработката ќе се одвива во насока на одржување континуирани обуки во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а со цел да се подигне јавната свест на целната група со овој Закон, како и со правата и обврските кои произлегуваат од него“, рече Ташевски.

Потпишувањето на Меморандумот, како што истакна Петрески, е можност извршителите да се стекнат со дополнителни знаења и обуки кои ќе ги изврши Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и дополнително ќе се овозможи правилен пристап кон граѓаните кои се заинтересирани да дојдат до потребните информации.

“Слободниот пристап до информации сè уште е ’баук’ во Македонија и не сите граѓани и институции го познаваат законот. Од тие причини сметаме дека извршителите и канцелариите на извршителите, како и самата Комора на извршители, треба да стекнат дополнително знаење кое ќе им го пренесе преку обуки Комисијата“, рече Петрески и додаде дека на тој начин ќе бидат сигурни дека на барањата на граѓаните ќе бидат подготвени да одговорат.

Во случај ако некоја институција не дава одредена информација, секој граѓанин и сите правни лица имаат можност да поднесат жалба до Комисијата доколку во законски определениот рок од 30 дена не добијат одредена информација.

“Извештајот од последната година покажува дека има 136 жалби од граѓани по основ на недобивање одредена информација. По добивањето на тие жалби најчесто Комисијата интервенира и во најголем процент се добиени“, нагласи Ташевски.