
Вештачката интелигенција и четботовите се замислени за да бидат услужни, љубезни кон корисниците, но компанијата ОпенАИ од Сан Франциско ја повлече од пазарот најновата верзија на својот четбот ЧетГПТ бидејќи корисниците се жалеле дека во разговорот е премногу сервилна, дека се умилкува и фали дури и на целосно бесмислени сугестии на корисниците.
Софтверот на вештачката интелигенција ГПТ-40, кој се појави на пазарот пред само неколку дена, се однесувал премногу понизно, а купувачите се жалеле дека дури и за најбаналните прашања прво ги опсипува со пофалби.
На социјалните мрежи се зборува дека таа верзија на ЧетГПТ, програмата која користи длабинско учење и треба да ја олесни комуникацијата на луѓето со компјутерите и одговара на нивните прашања, дури и најлудите идеи, како прашањето дали треба да се гушне кактус, еуфорично ги поддржувала.
Корисниците се жалеле и дека таквото однесување на софтверот е збунувачко и непријатно, поради што компанијата ОпенАи се решила да интервенира.
Една од причините, меѓутоа, е тоа што веројатно креаторите на ботот се обиделе да создадат софтвер кој по секоја цена ќе им се допадне на корисниците, и што според постоечката статистика на фирмата комплиментите секогаш наидувале на позитивен прием.
ОпенАИ во иднина планира да воведе повеќе опции на однесувањето на својот четбот, кој пред нешто повеќе од две години предизвика еуфорија околу вештачката интелигенција и кој во меѓувреме го употребуваат околу 500 милиони активни корисници неделно.
Извршниот директор на ОпенАИ Сем Алтман кажа дека повлекувањето на тој софтвер е целосно завршено и дека се работи на унапредување на таа верзија. Тој на социјалната мрежа Икс призна дека новата верзија била премногу сервилна и здодевна.