„Јагуар Ленд Ровер“ ќе отпушти 4.000 работници низ целиот свет

Еден од најпознатите производители на луксузни автомобили во светот се впушта во голема акција за намалување на трошоците. „Јагуар Ленд Ровер“ (JLR) ќе отпушти околу 4.000 работници низ целиот свет во следните две години, додека компанијата се обидува да се справи со последиците од сајбер нападот, американските царини и сè пожестоката конкуренција од кинеските производители.

Во понеделник, компанијата го потврди планот, кој вклучува заштеди од дури 1,7 милијарди фунти.

Целта е „Јагуар Ленд Ровер“ да ги намали трошоците и да ја спушти точката на рентабилност кон нивото од 300.000 продадени возила.

Кратењата ќе влијаат на значителен дел од работната сила. „ЈЛР“ вработува приближно 40.000 луѓе низ целиот свет, што значи дека приближно десет проценти од вработените би можеле да бидат опфатени со планот.

Голем дел од работниците на компанијата се наоѓаат во Велика Британија, каде што „Јагуар Ленд Ровер“ е најголемиот производител на автомобили.

Профитот практично се стопи
Зад драстичниот потег стои низа проблеми што се акумулираа во релативно краток временски период.

Годишната добивка на компанијата се намали за повеќе од 99 проценти, од околу 2,5 милијарди фунти на само 14 милиони фунти.

Еден од најголемите удари беше големиот кибернапад минатата година, кој ги блокираше работењето и производството на компанијата со недели.

Нападот доведе до пад од 27 проценти во вкупното производство, додека неговите трошоци за самата компанија се проценуваат на околу 200 милиони фунти.

Последиците беа многу пошироки од фабричките хали на „Јагуар“ и „Ленд Ровер“. Според проценките објавени од „Гардијан“, сајбер нападот можел да ја чини британската економија околу 1,9 милијарди фунти, што го прави потенцијално најскапиот сајбер напад во историјата на земјата.