Јанчевски: Се очекува намалување на каматите на кредитите

43

giorgi-jancevski-banskolievСе очекува намалување на каматите на кредитите. Трендот е присутен, но намалувањето оди постепено. Oва денес го изјави Ѓорѓи Јанчевски, претседателот на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија.

“Намалувањето на каматната стапка на благајничките записи што го направи Народната банка е сигнал за банките. Имам информации дека некои банки веќе ги намалија каматите на депозитите поради што се очекува и намалување на каматите на кредитите. Сепак, тоа нема да биде капитално”, истакна Јанчевски на седницата на Здружението.

Просечната камата во 2009 беше 9,3%, а лани 7,3%. Според него, глобалната криза што се почувствува и во Македонија се одрази повеќе во реалниот сектор додека банкарството остана стабилно, со висока ликвидност. Во 2012 година, заклучно со 30 септември, во однос на 2011, билансите на банките се пораснати за 2,4%, на кредитите за 5,4%, а на депозитите за 5%.

“Кризата во реалниот сектор имаше влијание и во банкарството. Процентот на нефункционалните кредити се зголеми од 9,5 на 11,6%”, истакна Јанчевски.

Иако БДП е намален и се очекува, како што нагласи, да биде околу нула, банките не престанаа со кредитна активност. Процесот, сепак, е забавен.