Јапонија ги заостри санкциите кон Русија: Забрани извоз на половни автомобили

Јапонските власти како дел од новиот пакет санкции ќе воведат забрана за извоз на половни автомобили во Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Одлуката за забрана на извоз на користени автомобили, кои се многу барани во Русија, е насочена кон зајакнување на ефективноста на веќе постоечките санкции, пренесува агенцијата Kyodo.

Портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно на прес-конференција ја критикуваше одлуката на Русија да се повлече од договорот за жито, опишувајќи ја одлуката како за жалење. Тој додаде дека Јапонија внимателно ќе ги следи последиците од одлуката за глобалното снабдување со храна.

– Во соработка со земјите од Г7 и меѓународната заедница, Јапонија ќе ја покани Русија да се врати на договорот за жито – рече Мацуно.

Јапонскиот извоз во Русија изнесуваше повеќе од четири милијарди долари во 2022 година, што е намалување од 30 отсто во споредба со 2021 година. Патничките автомобили, од кои повеќето беа користени, сочинуваа повеќе од половина од таа бројка – околу 2,2 милијарди долари.