Јапонската влада ќе ја замрзнува земјата околу Фукушима

21

fukushimaЈапонија ќе вложи 473 милиони долари за изградба на леден ѕид околу нуклеарката Фукушима за да се сопре истекувањето на радиоактивна вода од разрушената електрана, пишува BBC. Околу реакторот ќе биде изграден подземен ѕид од замрзната земја, користејќи цевки исполнети со течност за разладување, за да се спречи подземните води да дојдат во контакт со контаминираната вода што се користи за разладување.

Др. Тацујиро Сузуки, заменик претседател на јапонската Комисија за атомска енергија, за BBC изјави дека ситуацијата во нуклеарката е криза без преседан и дека се влошува. Тој додаде дека планот да се замрзне почвата околу нуклеарката е “предизвик”, а потребно е трајно решение. Оваа техника до сега се користела во мала мера за контрола на загадување, но не и за радиоактивни контаминации, вели Сузуки.

Дневно се создаваат 400 тони контаминирана вода, а се чува во складишта во нуклеарката. Минатиот месец 300 тони радиоактивна вода истекоа од еден од тенковите за чување.

Нуклеарката Фукушима е уништена во земјотресот и цунамито во 2011 година, кога се растопија три реактори, а системот за ладење беше потполно уништен. Сега водата се пумпа во системот за ладење на реакторот, но складирањето на големи количини радиоактивна вода се покажа како голем предизвик за операторот со централата, Tokyo Electric Power Company (TEPCO).