Јапонски тур-оператори во посета на Македонија

23

На иницијатива на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на Република Македонија, а во соработка со ЈАТA– Јапонска асцоцијација на туроператори и македонската амбасада во Токио, во тек е реализација на информативно патување за туроператори од Јапонија.

Претставници на ЈАТА и нивните членки, туроператорите ANA sales Co. Ltd, Nihombashi Yumeya Co. Ltd  и Five Star Club Inc се во посета на Македонија во текот на оваа недела, и истите ќе се запознаат со туристичките содржини и производи кои ги има Република Македонија, а се атрактивни за јапонскиот туристички пазар.

Во текот на патувањето јапонските тур-оператори ќе остварат две бизнис средби со приватниот сектор од Македонија, во Скопје (на 15-ти мај) и во Охрид (на 17-ти мај), со цел остварување на директен контакт со македонските тур-оператори и можно отпочнување на соработка.

Во текот на денешниот ден јапонските тур-оператори ќе направат разглед на Скопје и околината, со посебен акцент на придонесот за град Скопје на архитектонските идеи на јапонскиот архитект Кензо Танге. Следниве неколку дена гостите ќе ги вкусат македонските специјалитети од традиционалната кујна, ќе се доближат до локалното население и ќе посетат дел од македонските цркви и манастири.

Посетата е во линија со идејата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот преку која превзема иницијативи за проширување на македонскиот туристички производ, како во регионот така и на трети пазари. Оттука е и поддршката за запознавање на јапонските туроператори со туристичките дестинации на Македонија.