Јапонскиот гигант Митцубиши заинтересиран за македонското земјоделство

39

Митцубиши, големата јапонска корпорација, е заинтересирана за вложување во македонското земјоделство, поточно во млечната индустрија, преработувачката индустрија и откупно дистрибутивните центри.

Според соопштението на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во посета на Македонија престојува Генералниот менаџер на Корпорацијата Митцубиши – Јапонија, Хирохару Окамото, задолжен за Европа, Африка и Средниот Исток, кој вчера се сретна со министерот Љупчо Димовски.

“Во последните години активно работиме и на подигнување на преработувачкиот сектор кој претставува катализатор за вишокот на земјоделски производи, а исто така и на отварањето на нови откупно дистрибутивни центри, кои се потребни кај нас, затоа што во Македонија земјоделските стопанства во просек се мали и немаат доволни количина за сами да излезат на пазарот. Затоа ние како Влада и министерство каниме компании кои би отвориле откупно дистрибутивни центри, а тоа е добро и за самите фармери бидејки ќе можат да го договорат и да го продадат своето производство“, изјави ресорниот министер Димовски.

Како што стои во соопштението од министерството, на крајот на средбата, претставниците на корпорацијата Митцубиши се заблагодарија на министерот за гостопримството и изразија желба за повторна средба и инвестрирање во земјоделството.

Митцубиши е светски позната бизнис компанија што развива бизниси во многу индустрии, вклучувајќи индустриски финансии, енергија, метали, машини, хемикалии, храна и бизниси кои вклучуваат заштита на животната средина.

Гигантот брои повеќе од 200 канцеларии и филијали во околу 90 земји во светот и мрежа од над 500 компании од групата. Во корпорацијата се вработени околу 60.000 луѓе од сите националности.