Јавен повик до компаниите за продолжување на грејс периодот на бескаматните кредити

76

Развојната банка на Република Северна Македонија на својата веб-страница објави јавен повик, со којшто се понудува можност на компаниите корисници на кредити од првата бескаматна кредитна линија Ковид 1, да поднесат барање за продолжување на грејс периодот и рокот на отплата за дополнителни три месеци.

Јавниот повик на кој компаниите ќе можат да аплицираат, ќе трае во наредните седум дена, односно ќе заврши заклучно со 14 октомври 2020 година, а може да се најде на следниот линк: https://www.mbdp.com.mk/mk/vesti/668-javen-povik-do-kreditokorisnicite-na-kovid1.

Зголемување на грејс периодот за отплата на кредитите од Ковид 1, како што се наведува, ќе им обезбеди дополнителна ликвидност на компаниите во четвртиот, последен квартал од 2020 годна, за полесно справување со социоекономската криза.

Бескаматната кредитна линија Ковид 1 на РБРСМ во вредност од 5,5 милиони евра, беше наменета за најпогодените дејности на почетокот на ковид кризата, односно за угостителската, транспортната и туристичката дејност.

Од оваа линија беа одобрени 737 кредитни апликации на компании кои вработуваат вкупно 6.509 лица. Од вкупниот број на компании  77% се микро претпријатија, 21% мали фирми, додека околу 2% од корисниците се компании со средна големина.

Практично, со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им биде обезбедена можноста за продолжување на грејс периодот и периодот за отплата на кредитот за три месеци, пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.

Четвртиот пакет на мерки има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и да се заштитат што е можно поголем број на работни места за граѓаните, да се помогне закрепнувањето на одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да обезбеди политики кои ќе помогнат спроведување на брза излезна стратегија кога кризата ќе заврши, за да продолжат позитивните трендови на новата развојна македонска економија.

Фото: Pixabay