Јавниот долг e 60,3% од БДП во третиот квартал

40
Macro shot of financial concept

Јавниот долг на земјава, на крајот на третиот квартал од оваа година, изнесува 60,3% од бруто домашниот производ (БДП), што е повисоко ниво за 0,4 процентни поени (п.п.) во споредба со крајот на претходниот квартал, покажуваат податоците на Народна банка.

Ваквата промена, како што се наведува, произлегува од надворешниот јавен долг, којшто е зголемен за 0,3 п.п. и на крајот на кварталот изнесува 40,7% од БДП, при помал раст кај внатрешниот јавен долг, којшто изнесува 19,6% од БДП.

Вкупниот државен долг во третиот квартал од годината е зголемен во однос на крајот на претходниот квартал за 0,1 п.п. и изнесува 51,1% од БДП, додека долгот на јавните претпријатија (гарантиран и негарантиран) на крајот на кварталот изнесува 9,2% од БДП.

Добро е да се знае дека јавниот долг претставува збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје, како и трговските друштва коишто во целост или се во претежна сопственост на државата или општините.

Фото: Freepik