
Јавниот долг на еврозоната на крајот на четвртиот квартал од 2024 година изнесува 87,4 отсто од нејзиниот БДП, што е нешто пониско од 88,1 отсто од БДП на крајот на третиот квартал од 2024 година, објави денеска Евростат.
Како што се наведува, јавниот долг на Европската унија на крајот на четвртиот квартал од минатата година претставува 81 отсто од нејзиниот бруто домашен производ, што е помалку од 81,6 отсто во третиот квартал.
Јавниот долг на еврозоната благо се зголеми на годишна основа во однос на четвртиот квартал од 2023 година, кога изнесуваше 87,3 отсто од БДП.
Најзадолжени земји на Европската унија во четвртиот квартал од 2024 година биле Грција со долг од 153,6 отсто од БДП, Италија 135,3 отсто, Франција 113 отсто, Белгија 104,7 отсто, Шпанија 101,8 отсто.
Најмалку задолжени земји се Естонија, чиј национален долг изнесува 23,6 отсто од БДП, Бугарија 24,1 отсто, Луксембург 26,3 отсто.
Во 16 земји од Европската унија е забележан годишен пораст на државниот долг во однос на четвртиот квартал од 2023 година, додека намалување е забележано во 11 земји-членки, објави веб-страницата на Евростат.
Најголем годишен пораст на јавниот долг во однос на БДП е забележан во Романија 5,9 отсто, Полска 5,7 отсто, Финска 4,5 отсто, а најголем пад во Грција 10,3 отсто, Кипар 8,6 отсто и Хрватска 4,3 отсто.