Јелен: Без пакетот помош економијата на САД ќе закрепнува со години

56

Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека “ќе поминат години“ додека економиите на земјите, уништени од коронавирусот, се вратат во колосек и го повика Конгресот да одобри пакетот помош од 1,9 илјади милијарди долари предложен од претседателот Џо Бајден.

Јелен ги отфрли тврдењата на Републиканците дека таа сума е превисока.

“Луѓето страдаат низ целата земја“, рече Јелен, потсетувајќи на изгубените 10 милиони работни места поради пандемијата и околу четири милиони работници за кои се верува дека се откажале од барање нова работа.

Како што пренесуваат странските агенции, и двата дома на Конгресот, кои со тесно мнозинство ги контролира Демократската партија на Бајден, минатата недела гласаа за буџетските правила кои доколку е потребно можат да им овозможат на Демократите да го “истуркаат“ новиот закон за буџетот по партиска линија и во Сенатот и во Претставничкиот дом, без поддршка на Републиканците.

Високи советници во Белата куќа се надеваат дека Конгресот ќе го усвои предлогот на Бајден до првата недела од март, пред 15 март, кога истекува рокот на сегашните исплати од 300 американски долари неделно на невработени работници.
Бајден сака федералната помош да се зголеми на 400 американски долари неделно до септември.

Републиканците кои се спротивставуваат на предлогот на Бајден, укажуваат на авторски текст објавен во Washington post минатата недела од поранешниот министер за финансии Лоренс Самерс, кој предупреди дека пакетот помош на Бајден може да предизвика “инфлациски притисоци невидени за цела генерација“.

Фото: Pixabay