Бордот на Европски Студенти по Технологија БЕСТ – Скопје, го најавува 12. по ред издание на Саемот за вработување и кариера – Job Fair 2016. Настанот ќе трае од 4 – 10 мај 2016 година. Ќе започне со официјално отворање и нетворкинг настан на 4 мај, а потоа следуваат денови на штандови на ГФ/АФ на 5 и 6 мај и на кампусот технички факултети на 9 и 10 мај.
Job Fair е најголемиот настан кој го организира БЕСТ – Скопје. Минатогодишниот Job Fair 2015 се покажа како најуспешниот до сега со 26 компании – учеснички, врвни во својата област, и со посетеност од над 4.000 студенти на деновите на штандови.
Овој саем е одлична можност компаниите – учеснички да стапат во директен контакт со нивните потенцијални вработени, а студентите да се информираат повеќе за компаниите, нивните понуди, како и нивните главни активности. На деновите на штандови, компаниите ќе ја претстават својата дејност, како и целите и потребите насочени кон амбициозен и квалификуван кадар.
На Job Fair заинтересираните студенти ќе имаат можност да присуствуваат на разни предавања, презентации, тренинзи за меки вештини и натпревари одржани од страна на компаниите. Студентите целат кон квалитетна пракса или работно место, а тоа е она што Job Fair им го нуди. Сè што студентите и (пост)дипломците треба да направат е да го остават своето CV на www.jobfair.org.mk. Истото ќе стане дел од динамична датабаза, до која имаат пристап сите компании учеснички во текот на целата година.
Традиционално, оваа година БЕСТ – Скопје се стреми кон уште поголем и поуспешен Job Fair. Затоа, оставете CV на www.jobfair.org.mk, следете ги информациите и бидете чекор поблиску до вашата кариера!
БЕСТ – Борд на Европски Студенти по Технологија е непрофитна и неполитичка организација која на студентите им дава можност да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Од друга страна, БЕСТ исто така се стреми да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници и водење на интернационален центар за кариера.