Бордот на европски студенти по технологија (БЕСТ) Скопје го најавува тринаесеттиот по ред Саем за вработување и кариера – Job Fair 2017, којшто ќе се одржи од 03.04 до 12.04.2017 година, стои во соопштението.
Официјалното отворање на саемот ќе биде на трети април во амфитеатарот на Технолошко – металуршки факултет. Саемот ќе се одржи на кампусот на техничките факултети во периодот 03.04 – 07.04 и на АФ/ГФ во периодот 10.04 – 11.04.2017 година
Job Fair е најголемиот и најсериозниот настан што БЕСТ Скопје го организира, а воедно е и местото каде студентите можат да се информираат за сѐ она што го нудат компаниите учеснички, како и за потенцијално идно работно место или пракса. Додека пак, компаниите имаат можност да стапат во контакт со нивните потенцијални вработени.
“Нашата цел е да ги доближиме амбициите на студентите поблиску до компаниите, и да бидеме дел од нивниот чекор поблиску до кариерата. Минатата година Job Fair се покажа како најуспешен досега, со вкупно 36 присутни компании“, велат од БЕСТ Скопје.
Овој саем е одлична можност за студентите да добијат пракса или работа во некоја од најдобрите компании во земјата. Она што е потребно е да го остават своето CV на www.jobfair.org.mk и со тоа нивните биографии стануваат дел од датабазата до која имаат пристап сите компании – учеснички од Република Македонија и надвор од неа, во текот на целата година.
Компаниите на овој саем ќе имаат можност да држат бесплатни предавања, soft skills тренинзи, презентации, натпревари на кои ќе можат да учествуваат студентите таргетирани токму од нив.