
Скратувањето на работното време е неизбежна иднина и неизбежна дебата што ќе следува и во Македонија токму поради дигитализацијата и вештачката интелигенцијата, укажува експертот за трудово право и професор на Правниот факултет во скопје, д-р Лазар Јовевски, откако во компанија во државава првпат е воведена четиридневна работна недела како пилот проект.
Јовевски вели дека „дигитализацијата и вештачката интелигеција значат губење на работни места“ и оти скратувањето на работното време е дел од сценариото за превенција од големи отпуштања од работа. Укажува дека работодавачот е тој што го организира работното време и таквите постапка треба да се спроведуваат постепено и не во сите сектори бидејќи во некои не е изводливо.
“Ако ги гледате европските земји, токму заради имплементацијата на работните места и воведувањето на дигиталната економија во рамки на производството се генерира вишок на работна сила. И затоа прв чекор кон социјален мир е намалување на работното време“, рече Јовевски, во гостување во емисијата „Да си кажеме“ на ТВ Телма.
Тој вели дека Законот за работни односи во државава дава убава можност со која работната седмица може да изнесува најмалку четири, а најмногу шест работни дена.
Коментирајќи го првото воведување на четиридневната работна недела во компанија во државава посочува дека со работа од по осум часа дневно, вкупно ќе се работи 32 часа неделно. Тоа, вели, е под стандардот што го пропишува ЗРО, што не е забрането, може да функционира и така. Саатницата ќе биде повисока ако се задржи истата плата.
„Суштината на нашиот трудово правен систем е дека работодавачот е тој што го организира работното време. Никој во Македонија нема обврска да работи шест или пет часа. Може да работат и четири часа, ако така решат. Моќта на решавање во овој случај, не е кај работниците, не е кај синдикатот, ниту е кај Владата кај оние кои креираат политки, туку е буквално кај работодавачите особено во бизнис секторот“, рече Јовевски.
Во јавниот сектор, како што рече, нема специјални одредби кои се однесуваат директно на работното време. Исто така во овој случај се применува Законот за работни односи за вработените во јавниот сектор и тука може да се применуваат, да се модифицираат флексибилни форми и начини на распоредување и прераспоредување на работното време.
Јовевски, кој уште пред неколку години во научен труд предложил да се намали работното време во јавниот сектор во петок или среда за два часа истакува дека клучен момент е колку ќе се задржи продуктивноста, која во државава е под европскиот просек.











