
Познатата банка JPMorgan нагло ја намали економската прогноза за Израел во четвртиот квартал.
Според истражувачката белешка објавена во четвртокот, бруто домашниот производ (БДП) на земјата би можел да се намали за 11 отсто во однос на претходните три месеци, во услови на ескалација на конфликтот со палестинската вооружена група Хамас.
Претходно овој месец, американската банка прогнозираше пад од 1,5 отсто, но првичните проекции беа оценети „премногу оптимистички“, сугерираат аналитичарите.
„Влијанието на војната врз економијата на Израел и понатаму е тешко да се процени, како поради сè уште многу високата неизвесност во однос на обемот и времетраењето на конфликтот, така и поради недостатокот на достапни податоци со висока фреквенција“, рече JPMorgan.
Банката, исто така, ги намали своите првични проекции за годишниот раст на БДП на Израел на 2,5%, што е намалување од претходните 3,2%.
Сепак, аналитичарите малку ги зголемија изгледите за 2024 година, на 2% од претходните 1,9%. JPMorgan истакна дека претходните конфликти на Израел, како што е ескалацијата на непријателствата со Хамас во 2014 година или конфликтот со вооружената група Хезболах со седиште во Либан во 2006 година, „едвај влијаеле на економската активност“.
Сепак, „актуелната војна имаше многу поголемо влијание врз домашната безбедност и доверба“, предупредува банката.
На пример, бројот на загинати што се проценува на околу 1.400 Израелци во петокот веќе беше многу поголем отколку за време на претходните конфликти, додека бројот на мобилизирани резервисти веќе надмина 350.000, највисок во историјата на Израел и повеќе од 5% од работната сила во земјата.
За потсетување, последната ескалација на непријателствата меѓу Хамас, кој го контролира поголемиот дел од Газа, и израелските одбранбени сили започна на 7 октомври; оттогаш предизвика глобален пораст на цените на нафтата, златото и среброто.
Аналитичарите стравуваат дека конфликтот може да го дестабилизира Блискиот Исток, особено ако се прошири и во соседните земји, што пак ќе се одрази на целата глобална економија.