ЈСП поради пандемијата дневно губи околу 32.000 евра

116

Јавното сообраќајном претпријатие Скопје (ЈСП) ќе продолжи да вози по саботен возен ред затоа што има многу мал број патници кои го користат јавниот градски превоз. Зголемена фреквенција на патници, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, има само во периодите кога се оди на работа и тоа само на одредени линии. Тоа, појаснува тој, се решава со зголемување на бројот на автобуси во тој период на денот, пренесува МИА.

“Возниот ред е саботен заради малиот број патници кои се превезуваат во текот на целиот ден и ги користат услугите на ЈСП. Само на неколку линии има зголемена фреквенција на граѓаните и тоа само во утринските периоди кога одат на работа кога го зголемуваме бројот на автобуси на дневна основа. Заради пандемијата во одредени периоди имавме и дневна загуба од 55.000 евра на целокупниот автобуски систем на транспортниот систем на Град Скопје. Во моментов и со вака редуциран возен ред правиме дневна загуба од околу 32.000 евра. Мора да водиме сметка и за материјалната состојба на ЈСП, но и за Буџетот на Град Скопје, бидејќи од таму се префрлаат средства за загубите на ЈСП“, рече Шилегов.

Тој вели дека во наредниот период ќе се види дали ќе продолжи слабата фреквенција на патници или таа ќе се зголеми, по што ќе се бара оптимално решение кое, како што рече, ќе биде пред се во интерес на здравјето на граѓаните. Во моментов, рече Шилегов, може да се види дека во текот на денот не се користат автобусите со интензитет со кој порано се користеа.

Градоначалникот појаснува дека за повеќе од 40 милиони денари е падната продажбата на автобуските билети, што, како што вели, мора да се има превид.

“Нашите анализи покажуваат дека дневно на изминат километар во системот на јавниот транспорт на Град Скопје се превезуваат само 0,6 патници, а автобуска линија согласно договорите се укинува ако има помалку од 2,5 превезени патници по еден километар. Значи ние свесно со четири пати помалку превезени патници ги одржуваме линиите, затоа што нам здравјето на граѓаните ни е пред сè“, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференцијата што ја одржа со градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.

Фото: ЈСП