Југохром започна да поставува филтри за отпрашување

51

Jugohrom-Feroalojs

Фабриката за производство на феролегури Југохром од Јегуновце, започна со имплементација на проектот со кој се предвидува изградба на филтер станици за прочистување на издувните гасови од производството. Се очекува филтер станиците да бидат готови до крајот на годинава, пишува Миа.

Од компанијата посочуваат дека работата на филтер станиците покрај заштита на животната средина ќе овозможи и нови вработувања во фабриката која во моментов работи со половина капацитет и има над 1.000 вработени.

“Целокупната инвестиција која опфаќа изградба и опремување на три филтер станици, планирано е да се заврши до крајот на оваа година. Изградбата на филтер станиците чиј габарит ги надминува дури и димензиите на производствените погони на фабриката, ќе овозможи задржување на прашината која се создава со производство на феросилициум и прочистување на чадот кој се испушта од фабриката до ниво на концентрација на ПМ10 честички од 10 милиграми на метар кубен“, велат од компанијата и нагласуваат дека според позитивните прописи дозволената концентрација на ПМ10 честички во воздухот изнесува 50 милиграми на метар кубен.

Југохром, произведува феросилициум, легура која во главно се користи како суровина во челичната индустрија. Учествува со 0,9% во БДП на земјава и 7% во извозот од металопреработувачката индустрија.