
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол најави рекордна програма од 19 милијарди долари за зајакнување на индустријата за чипови, која се смета за клучна економска област во оваа земја, пренесува француската новинска агенција АФП.
„Дизајниравме сеопфатна програма за поддршка на индустријата за чипови вредна 26 милијарди корејски вони, која опфаќа финансии, инфраструктура, истражување и развој и поддршка за малите и средни претпријатија“, рече Јун.
Меѓу другото, програмата вклучува инвестиции од седум милијарди долари, кои неодамна беа објавени во Јужна Кореја. Дополнително, властите ќе ги прошират даночните олеснувања за инвестиции во чипови, надевајќи се дека ќе привлечат повеќе таленти во индустријата.
Земјата, исто така, гради „мега центар“ надвор од Сеул, за кој предвидува дека ќе биде најголемиот комплекс за производство на чипови во светот и ќе создаде милиони работни места.
Битката за глобална доминација во производството на чипови е жестока, потсети Јун. „Победата или поразот ќе зависи од тоа кој ќе биде првиот што ќе развие најсовремени чипови со високи способности за обработка на информации. Државата мора да ја поддржи индустријата за да не заостанува зад конкуренцијата“, додаде тој.
Јужна Кореја е дом на најголемите светски производители на чипови Samsung Electronics и SK Hynix. Уште минатата година најави изградба на најголемиот глобален центар за чипови во светот, во кој се очекува да се инвестираат 456 милијарди долари приватни средства.











