Како безбедно да возите по дожд?

13

Голем број возачи многу наивно ги доживуваат дождот и лошите временски услови, иако со секое наредно заврнување одново се уверуваме во опасностите кои дождот ги носи со себе. Затоа од РСБСП апелираат:

Забавете!

Патот на кочење на возилото е значително подолг на влажен асвалт, посебно ако имате лоши гуми. Наглите движења со управувачот, од друга страна, влијаат за полесно губење на контролата над возилото.

  • Држете се до средината на патот колку што ви дозволуваат условите за безбедно разминување со возилата од спротивната насока. Водата обично се собира на крајот на патот поради тротоарите. Ако сте надвор од градот каде водата слободно се излева од асвалтот, овој совет не важи.
  • Држете поголемо растојание со автомобилот пред вас, а уште поголемо доколку возите зад камион или автобус. Нивните тркала исфрлаат поголема количина вода и со тоа значително ви ја намалуваат прегледноста и видливоста на патот.
  • Бидете внимателни при претекнување, посебно на камиони или автобуси. Шлеперите имаат цела „војска“ од тркала кои се во состојба да направат цел облак од капки околу себе и на тој начин ќе ве спречат да ги видите возилата што доаѓаат од спротивната страна.
  • Вклучете ги светлата. Иако во Македонија тоа е задолжително, постојат возачи кои и натаму фарови користат само ноќе.
  • Кочете внимателно и навремено, без разлика дали вашиот автомобил има АБС или не. АБС го спречува блокирањето на тркалата при остро кочење на лизгава површина, но, не ги крши законите на физиката. Не заборавајте дека постојат и други возила зад вас кои можат да ве удрат.
  • Чувајте се од „големи езерца“ бидејќи во нив може да се крие ударна дупка, поголем камен или едноставно да се наводени дел од електрониката и да останете покрај патот со изгасен автомобил (иако многу автомобили се имуни на „туширање“).
  • Посебно внимавајте во текот на возењето. Светлоста на фаровите на возилата кои доаѓаат од спротива се одбиваат од патот и ве заслепуваат вас, при што капките од дожд под влијание на фаровите драстично ја намалуваат видливоста и дополнително ве заслепуваат.
  • Внимавајте на пешаците и на велосипедистите кои носат капи, чадори, мантили и не можат да ве чујат или видат, а многу нанедејно знаат да со сменат правецот на движење за да избегнат некое „езерце“.
  • Внимавајте на пешаците во урбана средина бидејќи почнуваат да трчаат како „муви без глави“ кога ќе почне дождот, претрчувајќи улица надвор од пешачкиот премин и на црвено, a не им е непознато ни претрчувањето низ поголеми раскрсници по дијагонала.

Превентивни мерки:

  •  Заменете ги бришачите.
  • Додајте течност за миење на шофершајбната.
  • Избришете ги сите стакла од внатре за да спречите замаглување. Препорачуваме употреба и на некое средство против замаглување.
  • Проверете ги шарките на гумите, колку е поплитка шарата току е поголема можноста на поголема брзина да дојде до лизгање.
  • Проверете ги сите светла (кратко, долго, трепкачи, стоп светла, светла за магла…), а нема да е лошо и на брзина да ги измиете.
  • Проверете ја резервната гума. На дожд многу е поголема можноста да поминете преку дупка, да ја скинете гумата и да ја оштетите фелната.

Екстремни ситуации

  • Доколку дошло до излевање на рекичка преку патот, не се обидувајте да поминете со кола доколку не сте сигурни дека водата е плитка.
  • Дождот може да биде многу јак и интензивен. Затоа, најдобро е да застанете на страна, задолжително надвор од патот, да пуштите позициони светла, да вклучите четири трепкачи и да почекате невремето да се смири. Вакви временски неприлики вообичаено не траат повеќе од 10 минути.

Лизгање (Akvaplaning) се случува кога ќе се поклопат три фактори:

  • Брзината
  • Количината на вода
  • Квалитетот на гумите (т.е. нивната можност за исфрлање вода)

РСБСП советува: Бидете одговорен возач, почитувајте ги правилата и прописите што важат во сообраќајот и секогаш, без исклучок, прилагодувајте го начинот на кој управувате со возилото кон условите на патот. Не дозволувај патувањето да се претвори во трагедија. Вози одговорно!