Како “безболно” да соопштите лоша вест

38

vesti

Фото: Pexels

Една од најважните задачи на лидерот е да биде добар комуникатор, а еден од најтешките предизвици е да пренесе лоши вести. Соопштувањето на добри е вести е лесно, но тешко е кога треба на вработените да им пренесете некоја лоша вест (на компанијата не и оди најдобро, давање откази, откажување на бизнис партнер, пропуштање на рокови… ). Пренесувањето на лоши вести е многу важна вештина која треба да ја поседува секој лидер. Ако не постапите внимателно со пренесувањето на овие вести, тоа може да доведе до организациски проблеми во компанијата.

Овие неколку совети ќе ви помогнат мудро да ги пренесете лошите вести.

Подгответе се за разговор

Обезбедете ги сите потребни информации пред да ја соопштите веста. Треба да знаете како е донесена одлуката, кој е консултиран, кои можности биле дискутирани и образложението кое стои зад крајниот исход. Вработените ќе бараат одговори и објаснување за настанатата ситуација.

Не одложувајте

Информирајте го вашиот тим навремено. Одложувањето може да предизвика ширење на гласини и лажни информации, со што се создава непријатна атмосфера и влијае врз продуктивноста. Овој потег може само скапо да ве чини и повеќе да ги влоши работите.

Не кријте ги фактите

Ако се обидете да ја “ублажите“ лошата вест обвинувајќи ги другите луѓе или ги искажувате работите во скриена форма, тоа може само да предизвика збунетост кај вработените и нема да ја разберат тежината на проблемот. Бидете отворени, бидејќи тимот има право да знае како навистина стојат работите.

Преземете одговорност

Членовите на вашиот тим треба да знаат дека како лидер преземате целосна одговорност за она што се случува во вашиот тим или компанија. Не ја префрлајте вината. Нема ништо поскапоцено од лојалноста и довербата на вашиот тим.

Фокусирајте се на иднината

Откако ќе ја пренесете веста, направете пауза. Може да поминат неколку минути или денови за да ја процесираат информацијата. Потоа помогнете му на тимот да се движи напред. Вклучете ги во акцијата за решавање на проблемот.