Како да бидам сигурен дека моето дете е безбедно на интернет?

259

child-girl-young-caucasian-159848

Фото: Pixabay

Дали децата се доволно заштитени во интернет просторот? Кои се основните правила што родителите треба да ги следат за да ги заштитат своите деца од опасностите и ризиците со коишто тие можат да се соочат во неограничениот онлајн “океан“?

Ова се само дел од дилемите што го мачат секој родител и возрасен човек во 21-от век, а особено по огромната пенетрација на интернетот и социјалните медиуми во секојдневното живеење и функционирање на секој од нас, вклучително и на најмалите генерации.

Но, да почнеме од почетокот…

Денес, децата “се раѓаат“ со мобилните телефони. Од првото селфи и фотографии направени со нашите мобилни телефони започнува патувањето и среќавањето на новороденото дете со мобилните уреди. Веднаш се приклучуваме на Вибер, Ватсап или Фејсбук месинџер и започнува среќниот круг на споделување на првите фотографии и видеа со најблиските, а овие содржини се вртат по сите маси и столици за време на прославата за раѓањето на новороденчето. Овој тренд продолжува и во следните месеци и години.

Слушање приспивни песни и други “baby first“ содржини на интернет. После неколку месеци ги трансформираме нашите мобилни телефони и таблети во уреди преку што повремено на бебето му пуштаме приспивни песни и други музички содржини што се прикачени на Јутјуб. Пуштаме музика за повремено да го развеселиме и анимираме нашето бебе, односно заеднички да исполниме дел од поминатото време во денот.

Не застануваме тука. Поминуваат месеци и години, па дури да станеме свесни детето веќе почнува малку по малку самостојно да го “користи“ нашиот мобилен телефон. Па, стариот паметен телефон којшто веќе не го користиме станува сопственост на нашето дете кое сè повеќе навлегува во начинот на функционирање на телефонскиот софтвер, апликациите… Неосетно, но како што поминува времето, дел од децата почнуваат да користат и таблет, Јутјуб е веќе апсолвирана апликација, а на секојдневното мени веќе се вбројуваат и детските игри што ги освојуваат најмалите.

boy-110762_960_720-1

Поминуваат годините, децата веќе знаат како да инсталираат и избришат разни апликации на нашите и своите уреди. Почнуваат да одат на училиште, па се јавува потребата од баланс помеѓу училишните обврски, вонучилишните активности (тренинг, јазици и музичко) и поминатото време на компјутер, таблет или мобилен телефон. На сцена стапуваат и личните профили и канали на социјалните медиуми – Снепчет, Инстаграм, Фејсбук, Вибер, Ватсап, секако и потребата од креирање на e-mail адреси… Понатаму сè е историја.

Ова е реалноста во којашто денес растат и се развиваат најмладите генерации. Но, истовремено, ова е и нашата, односно реалноста на возрасните. Клучното прашање е како да се научиме себе си, а со тоа и нашите деца да ги ползуваат позитивните страни од оваа дигитализација, а со самото тоа да им посочиме како да се заштитат од прекувремената употреба и опасностите што демнат во интернет просторот.

Прво, многу е важно да ја прифатиме реалноста дека овие генерации се и ќе бидат “интернет“ генерации. Нешто слично како што претходно бевме “компјутер“ или “ТВ“ генерации. Трендовите се менуваат, но суштината останува иста – секоја генерација е понапредна од претходната.

Постојат многу светски истражувања и препораки за начините преку кои нашите деца ќе бидат безбедни во интернет просторот, но како основни правила или предуслови потребно е да ги знаеме следните:

Поставуваме правила што важат за сите во семејството. Правилата за функционирање во едно општество можат да бидат успешни и да даваат резултати само ако се почитуваат од страна на сите, без исклучок. Истото важи и за едно семејство. Не може да очекувате детето да изгради однос и баланс во користењето на мобилниот телефон или компјутерот, доколку вие 24 часа типкате на вашиот телефон или таблет. Едноставно е, детето ќе го следи вашиот пример и ќе смета дека седењето на интернет е правило коешто треба да се применува во текот на целиот ден. Затоа се препорачува да определите време во кое сите заедно ќе бидете на интернет и тоа ќе биде откако сите останати обврски ќе бидат завршени.

Организирајте го времето и заедничките активности. Денот ниту почнува, ниту завршува со интернетот иако на дел од нас ни се чини дека е така. Во текот на денот има и треба да има и многу други офлајн активности што ќе ги правиме заедно со децата. На пример, заеднички појадок и ручек, друштвени игри што заедно ќе ги играме, редење на сложувалки, разговор, спортски активности, прошетка или планинарење итн. Изборот е голем, а креативноста е оставена на секој од нас. Но, не заборавајте дека возрасните се одговорни да ги постават “правилата на игра“, а не децата. На пример, заедно можете да изгледате одредено видео на Јутјуб што покажува како дома, а направите празнични украси или колачи, Потоа заедно одите да ги купите намирниците, па се враќате дома и заеднички ги правите празничните колачи или украси. На овој начин може да исполните неколку часа прекрасно поминато време и да направите супер комбинација на онлајн и офлајн активности поминати заедно со вашето дете.

girl-1641215_960_720

Возрасните треба повеќе да се едуцираат и истражуваат. На прв поглед, ова личи како да се судира со претходно кажаното дека “секоја генерација е понапредна од претходната“, но не е баш така. Од својот најран раст и развој, детето го “открива“ светот, односно го изодува патот што ние веќе сме го поминале. Доколку не истражуваме и не сме во тек со сите новитети и трендови коишто секојдневно се случуваат во интернет просторот и на социјалните медиуми нема да можеме да дадеме одговор на прашањата коишто ќе ни ги поставуваат децата на оваа тема. А, во таков случај, интересот на детето нема да запре, туку одговорот ќе го бара на други места на коишто не можеме да бидеме сигурни дека ќе го добие вистинскиот одговор, ниту пак дека не се крие одредена опасност. Со еден збор, како што ние сме авторитетите кои децата ги учат на добро однесување во секојдневниот живот, така треба да ги насочиме и како да се однесуваат на интернет и да градат онлајн репутација. Пример, како што ги учиме до која возраст не смеат сами да поминуваат улица или што значат сообраќајните знаци, така треба да ги научиме кои апликации се добри за нивната возраст и што е добро однесување на социјалните медиуми.

Доста интересни и корисни се препораките кои меѓународната лабораторија за интернет безбедност Касперски ги објави во своето истражување насловено “Заштитете ги вашите деца онлајн“. Оваа компанија, која во 2016 година на светскиот пазар го лансираше софтверот за родителска заштита Kaspersky Safe kids ги дава следните пет препораки за сите родители:

Блокирајте ги несоодветните веб страни. Како што голем дел од родителите се информирани, не сите веб страници коишто се достапни во интернет просторот се kids-friendly, односно имаат содржина прилагодена за детската возраст. Тие решението го нудат во софтверот за “родителска контрола“ со којшто може да се ограничи пристапот до вакви содржини. Ова ќе води до безбедно пребарување на интернет и блокирање на несоодветните содржини за децата. Истовремено, ваквиот софтвер им дава информација на родителите за интернет сообраќајот за да бидете сигурни дека сте целосно информирани за тоа што детето секојдневно го прави на Интернет.

people-2564425_960_720

Не разговарајте со непознати. Како што постојат негативни појави и криминал во реалниот живот, тоа се случува и во интернет просторот. Може да биде забавно за вашето дете да ја игра најновата онлајн игра со пријателите или да комуницира со нив преку чат (chat) апликациите. Но, во овие виртуелни простории за разговор, исто така, може да се кријат компјутерски криминалци со цел да извлечат или да ги поттикнат децата да даваат лични податоци. Овие информации потоа можат да се искористат за кражба на вашиот идентитет, но и пари. Покрај почитување на претходната препорака, од компанијата ги препорачуваат софтверите за целосна интернет безбедност, како што е Kaspersky Total Security, коишто помагаат и превенираат децата да испраќаат чувствителни информации, како што се детали за банкарска сметка, имиња и адреси, преку чат (chat) и месинџер апликациите.

Спречете онлајн насилството врз децата. На некои веб страни за онлајн игри, дел од гејмерите едноставно ги малтретираат и омаловажуваат другите играчи. Овие се познати како “cyberbullies“ или сајбер-насилници. И покрај фактот што администраторите на игрите се борат да ја спречат оваа појава, сепак не постои начин тоа целосно да се направи. И во овој случај, софтверите за “родителска контрола“ можат да помогнат во овој процес. Тие работат на начин што мониторираат со кого вашето дете разговара онлајн и им овозможуваат на родителите да ги блокираат непосакуваните контакти. Со овие софтвери може да добивате и известувања кога некој наведен збор ќе се искористи во онлајн комуникацијата на детето.

Заштитете се од вируси. Сајбер-криминалците се свесни дека децата бараат слободен софтвер, музика и игри. Тие, исто така, знаат дека децата имаат поголема доверба и склоност кон отворање на линкови и прилози (attachment). Ако детето, макар ненамерно, кликне на некој банер/онлајн реклама, може да “закачи“ вирус којшто не само што ќе го загрози неговиот/нејзиниот компјутер, туку и целата мрежа. Лабораторијата како најдобра заштита препорачува инсталирање на пакет за интернет безбедност како Kaspersky Total Security којшто ги блокира небезбедните врски и ги заштитува сите преземања од злонамерен софтвер.

Безбедноста на децата е на прво место! Секако, ништо не го заменува родителското присуство кога станува збор за безбедноста на децата на интернет. Едноставно, разговорот со вашите деца може многу да помогне – да ги подучите да не кликаат автоматски на копчињата “да“ или “прифаќам“ и да си се држат настрана од било какво недозволено однесување на интернет, интернет насилство или сајбер-криминал. Но, на крајот на краиштата, децата имаат потреба во дел од денот од онлајн игри и забава. Заедничка цел и интерес на родителите и софтверите за интернет безбедност е да ги заштитат децата во интернет просторот.