Како да ги отплаќате долговите во време на криза

39

Долг си е долг без разлика дали е време на криза или не… Сепак, важно е да знаете како да управувате со долговите, да не дозволите работите да излезат од контрола. Најпрво, секој долг треба да биде оправдан, да знаете за што точно се задолжувате и дали во тој момент имате потреба за такво нешто. Доколку е неизбежно подигнувањето кредит, тогаш мора да обрнете внимание на неколку важни детали.

Трошете според план

Најважно од сè е да знаете колкави се приходите што ги добивате на месечно ниво. Доколку компанијата во којашто работите решила да ги намали платите, тогаш очекувајте помала плата овие месеци и прилагодете го трошењето според новонастанатата ситуација. Добро распоредете ги парите за да имате доволно средства за најважните работи. Кога имате листа на потребни намирници, купувањето помалку излегува од контрола. Затоа, кога одите да купувате не се препуштајте на инстинктот, туку на оние работи што ви се неопходни.

Листа на приоритети

Во услови кога парите ви се ограничени, купувајте ги оние работи што ви се неопходни. Така, ќе избегнете непотребни трошоци, ќе имате доволно за да ги отплаќате долговите, да ги платите сметките и да не се доведете во ситуација да мора да плаќате казнени камати. Храна, лекови, средства за лична хигиена, сметки, рата за кредит… вообичаените ставки што треба да имате на листата за коишто треба да обезбедите доволно финансиски средства месецот. Не мора овој месец да размислувате да ја купите чантата што ја видовте на Интернет или да купите некоја скапа футрола за мобилниот телефон.

Потсетете се на “црните“ фондови

Штедењето е важна навика што треба да им се вкорени и на децата. Доколку разумно сте трошеле во изминатите месец, сигурно ви останувал некој денар вишок. Тој остатокот најдобро би било да заврши некаде на страна во некој “заборавен црн“ фонд, којшто ќе биде добредојден во вакви услови. Затоа, не треба секогаш да се трошат сите пари во паричникот, туку да се мисли и за ситуации како оваа.

Фото: Pixabay